Студентски пленум и Професорскиот пленум испратија писмо до Претседателот Иванов

Студентски пленум и Професорскиот пленум испратија писмо до Претседателот Иванов

До:
Претседателот на Република Македонија
Проф. д-р Ѓорге Иванов

10 јануари 2015 година

Почитуван Претседателе Иванов,

Во пресрет на собраниската седница на која се очекува конечно изгласување на пакетот предложени закони од областа на образованието, Ви се обраќаме како на Претседател на Републиката, но и како на наш колега и професор, со барање да примите претставници на двата пленума и да ги сослушате нашите аргументи за тоа дека со предложените закони флагрантно се крши Уставот, човековите права, како и европските и меѓународните документи кои ја нагласуваат универзитетската автономија и принципите на обезбедување квалитет во високото образование.

Во Вашето обраќање до Собранието на Република Македонија и во изјавите за медиумите Вие и самиот јасно дадовте до знаење дека треба да се слушнат мислењата на сите засегнати страни, вклучително и на студентите. Но, за жал, во целата досегашна постапка на изработка и донесување на законите, најголем дел од професорската и студентската заедница беа исклучени, и покрај постојаните повици и обраќања до надлежните институции да ги сослушаат нивните ставови и барања. Една т.н. „средба за размена на мислења“, организирана најпрво во хотел, а потоа набрзина преселена во Собранието, не може да биде замена за јавна дебата на која се изнесуваат различни и спротивставени аргументи на сите засегнати страни.

Ние, членовите на Студентскиот пленум и на Професорскиот пленум, бараме прво да се изготви втемелена анализа на состојбите во високото образование и потоа да се организираат дебати по универзитетите каде ќе се вклучи целата академска заедница. Вистинска реформа на високото образование е можна само преку широка и транспарентна постапка за изработка на нови закони. Ова барање го поткрепуваме со фактот што најголем дел од нашите декански и ректорски управи формално ги отфрлија предлог-измените и бараа повлекување на законите, што беше целосно игнорирано од надлежните институции.

Во очекување на Вашиот одговор, со почит

Во име на Професорскиот пленум:
проф. д-р Гордана Силјановска Давкова
проф. д-р Абдулменаф Беџети

Двајца претставници во име на Студентскиот пленум