Визер со нови шест дестинации: Скопје - Осло и Скопје - Барселона за 1799 денари

Визер со нови шест дестинации: Скопје - Осло и Скопје - Барселона за 1799 денари



Нискобуџетната „Визер“ објави дека на аеродромот „Александар Велики“ ќе постави и трет авион, и ќе лета на шест нови дестинации од аеродромите со кои управува „Тав Македонија“ во Скопје и во Охрид.

Двете компании ги најавија авионските дестинации, организирајќи специјален, бесплатен лет за 50-ина штитеници од домот за деца без родители „11 Октомври“ до воздушниот простор над Охридско Езеро, и назад.

„Визер“, најголемиот нискотарифен авиопревозник во Централна и во Источна Европа, на 29 јуни ќе позиционира и трет воздухоплов од типот „Ербас 320“ во базата во Скопје.

Ќе воведе пет нови летови од метрополата кон Фридрихсхафен, Осло- Торп, Барселона, Хамбург- Лубек и Нирнберг.

Исто така, од 1 јули „Визер“ ќе почне да лета и од Охридскиот аеродром „св. Апостол Павле“, двапати неделно кон Базел- Мулхаус. Имено летот до Осло-Торп кој сообраќа во понеделник и петок е по цена од 1.799 денари. Исто толку ќе чини и летот до Барселона, секој вторник и сабота. По 1.999 денари ќе чинат летовите до Нирнберг и Фридрихшафен. Најевтин од новите летови е летот до Хамбург, кој ќе чини 1.499 денари секоја среда и недела.

Од охридскиот аеродром воведена е нова рута до Базел-Милхаус, која ќе чини 1.199 денари. Овие цени важат за билет во еден правец, што вклучува аеродромски такси и една мала торба за кабински багаж. Истовремено, освен новите летови, се зголемува и фрекфентноста на постоечки рути.

До Малме досега се патуваше пет дена неделно, а отсега седум. До Келн, Франкфурт, Милано и Париз досега имаше два лета во неделата, а сега ќе има три. Од три на четири пати неделно се зголемува бројот на летови до Гетеборг.