Одлична веб страна за проширување на англискиот речник

Одлична веб страна за проширување на англискиот речник

Подготвил: Тамара Мисирлиевски

страна

 

Vocabulary.com е бесплатен сервис за усовршување на англискиот речник, кој се прилагодува според знаењето на корисникот и на забавен начин помага подлабоко да се истражува јазикот.


Она што е најинтересно на страната е „Challenge“, квизот кој го тестира вашето сфаќање на значењето на англиските зборови и реченици.

Сите зборови и реченици кои ги презема Vocabulary се од познати весници и книги и останати достапни извори на зборови кои луѓето секојдневно ги користат.

Доколку понудениот збор во предизвикот не ви е јасен, имате опција 50/50 кадешто автоматски ќе ви бидат отстранети неколку понудени одговори. Доколку не сакате да ја искористите оваа опција, и ви е потребно дополнително објаснување, тогаш можете да кликнете на „Definition“, па под зборот ќе ви се појави објаснувањето на бараниот термин.

Vocabulаry користи сопствена технологија која се вика „Adaptive Vocabulary Instruction“ (AVI), а која се прилагодува на вашето знаење, го следи вашиот напредок и не дозволува поставените прашања во квизот да бидат премногу тешки за вас, но ни премногу лесни. На тој начин никогаш нема да ви биде досадно, и нема да имате потреба да се откажете бидејќи програмата ви поставува се` потешки и потешки прашања.

Вашиот напредок и ширење на базата на зборови можете да ги проверите преку „My progress“ кој се наоѓа од десна страна, на самиот врв на страната. Системот е сличен на игра, па колку повеќе напредувате во учење на зборови и поими, толку е поголема шансата за добивање на различни беџови за постигнување. Преку „Leaderboard“ можете да проверите како напредуваат другите корисници, што би требало да го поттикне вашиот натпреварувачки дух.

Без разлика дали сте ученик, студент или вработен, овој сервис би можел да ви биде од голема корист: бесплатен е, забавен и професионален.