34 години од раѓањето на најголемата македонска ѕвезда, Тоше Проески!

34 години од раѓањето на најголемата македонска ѕвезда, Тоше Проески!




Во организација на Меѓународната фондација „Тоше Проески“, а во чест на неговиот роденден, денеска во Спомен домот на Тоше во Крушево ќе се одржи културно-уметничка програма.

По истиот повод, а во организација на Црвениот крст на Град Скопје, Градската организација на Црвениот крст од општина Центар, Институтот за трансфузиона медицина и Тоше фан форум клубот по единаесетти пат ќе се одржи крводарителска акција.

Акцијата и годинава ќе се одржи во домот на АРМ во периодот од 10 до 17 часот.

Под покровителство на општина Карпош и во организација на Здужението Власи стопанственици од Македонија „Мандра“ по шести пат се организира традиционален меморијален турнир во мал фудбал во Скопје.

Во пресрет на одбележувањето на роденденот на големата македонската и балканска ѕвезда Тоше Проески, Форумот на млади Македонци традиционално организира хуманитарни активности.

На Студентскиот плоштад вчера се одржа крводарителската акција во соработка со Институтот за трансфузија на крвта на Србија. Посетителите имаа можност да ја слушаат музиката на Тоше и да донираат средства за НУРДОР, а првите 30 крводарители добија и подароци.

Хуманитарните активности во чест на Тоше продолжуваат и денеска за кога е предвидена  акција на собирање на помош за децата од прифатилиштето во Белград, во регионалната канцеларија на Националниот совет на Македонците.

Во вечерните часови на сплавот ТАГ ќе биде организирана хуманитарна журка со Бајка бендот, Тијана Дапчевиќ и Тамара Тодевска, а собраните средства ќе бидат донирани на НУРДОР.

- Бидејќи Тоше Проески не беше само пејач со ангелски глас, туку и хуманитарец со големо срце, не постои подобар начин да се одбележи ден на неговото раѓање, се вели во соопштението од Форумот на млади Македонци.

Активностите се во организација на Форумот на млади Македонци со помош на Фан клубот на Тоше од Белград, и со поддршка на Фондацијата Тоше Проески од Крушево, Националниот совет на Македонците и Македонската бизнис асоцијација во Србија, преку компаниите Витаминка, Сандеј Колид и Алкалоид.
На 16 октомври 2007 година, Тоше загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка на пат кон Загреб.