Средношкослки пленум - Младинско тело кое ќе ги обедини сите средношколци од Македонија

Средношкослки пленум - Младинско тело кое ќе ги обедини сите средношколци од Македонија

„Поттикнати од идејата за основање на младинско тело кое на едно место ќе ги обедини сите средношколци од Република Македонија, членовите на Иницијативата за основање на Средношколски Пленум ја информираат јавноста, средношколците, граѓаните, дека во тек се подготовки за основање на Средношколскиот Пленум.



Членовите на иницијативата за Пленумот цврсто стојат зад своите барања и напори во борбата за квалитетно образование, но најпрвин, обезбедување на услови за работа кои се основата за посакуваниот квалитет во образованието. Условите и квалитетот во образованието Иницијативата ги смета за приоритет преку кои би се дошло до подобро образование, со што средношколецот би се  издигнал од  „немата“ фигура во општеството.

Пленумот во основање смета дека законските акти со кои се регулира екстерното тестирање во средното образование во РМ негативно влијаат врз целокупниот развој и напредок на образованието во државата.

Застануваме зад ставот дека екстерното тестирање за учениците е само дополнителен притисок врз нив, а преку кое се изразува исклучиво необјективното оценување. Тврдиме дека учењето под притисок негативно влијае врз квалитетот во образованието во РМ. Немањето услови,  се дополнителна пречка за очекуваното „европско“ образование кон кое се стреми државата. Казните за професорите и наставниците, дополнително влијаат врз притисокот кој се врши над средношколците.

За своите ставови, најавуваме аргументација и анализа со која ќе ги поткрепиме нашите тврдења, но и за тоа зошто македонскиот начин на екстерно тестирање се коси со стандардите за екстерен испит во Европа.

Да го вратиме знаењето, да се спротивставиме на притисокот, да се избориме за услови достојни за европското образование кон кое се стремиме. Да го вратиме реномето и честа да се биде средношколец.

Зарем може работата на ученикот во текот на целата учебна година да се оцени со тест од 30 прашања по предметот за кој дознаваме 3 дена претходно? Зарем ќе го подобруваме образовниот процес со бинго – тестови на среќа? Зарем ќе се коцкаат со нашата иднина?

Оттаму, и нашето длабоко убедување дека последиците од лошите реформи во речиси сите степени на образование, а особено во средното образование, се доволен показател дека реформите негативно влијаат врз образованието во целина, како и врз положбата на средношколците. Бараме решавање на проблемите со кои се соочува средното образование и средношколците, преку сите демократски инстанци. Преку Пленумот активно да се вклучиме со што би помогнале во создавањето на аргументирани и издржани реформи.

Затоа, Ве повикуваме сите средношколци, средношколски организации и заедници, граѓани, заедно да учествуваме во активностите на Пленумот со цел враќање на квалитетот во образованието, како и добивање на достојни услови за подобро образование. Ве повикуваме заедно, сплотено да кажеме НЕ на реформите коишто од нас направија експериментални глувци. Да се изјасниме гласно, затоа што тишината не е решение“, се вели во соопштението на членовите на Иницијативата за основање на Средношколски Пленум