На штрајкот му се придружуваат и учениците - не се појавуваат за екстерно

На штрајкот му се придружуваат и учениците - не се појавуваат за екстерно

Подготвил: Драгана Петрушевска


Штрајкот на СОНК продолжува дури и на денот на екстерното тестирање во целата земја. Сè повеќе наставници бараат зголемување на платата и укинување на екстерното тестирање, потврдува првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, за „Фокус“.

Веќе неколку денови, Неделков истакнува дека одредени медиуми го претставуваат штрајкот несоодветно во јавноста, поточно како непрофесионален, некоректен и полн со гнасотии. Додека наставниците штрајкуваат, ним им се донесени заменски тестатори за спроведување на екстерното тестирање.

Меѓутоа, се чини дека во Битола нема потреба од такви замени бидејќи самите ученици не влегле во училиштето за да го полагаат екстерниот тест. Директорот на средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“, Драган Стојановиќ, за „Мета“ изјавува дека биле „подготвени за тестирање, но децата кои дојдоа не влегоа, нека се подзамислат малку оние кои се одлични по успех, зошто ова значи за нив негативна оценка. Ние и утре ќе ги чекаме на тестирање“.

Фанче Јошевска, претседателката на СОНК во Битола изјавува дека бројот на наставници кои се приклучуваат на штрајкот е сè поголем.

Во меѓувреме, неизвесно е дали ќе се одржи тестирањето и во училиштата во Куманово. Причината за тоа е премалиот број на ученици. Иако предвидено да започне во 9.30 часот утринава, тоа не започна тогаш, и покрај подготвеноста на училиштата, известува „Kumanovo news“.