Мислевте дека вашето училиште е посебно?

Мислевте дека вашето училиште е посебно?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Повеќето ученици пристигнуваат на училиште секое утро и се враќаат попладнето со многу домашни задачи. Следниот ден се враќаат повторно за да седнат на дрвените клупи пред наставникот кој пишува на таблата. Оваа слика ни доаѓа кога помислуваме на училиште. Но, не за секого во светот.


Училиште во пештера

Основното училиште се наоѓа во Донцон во Кина. Селото Донцон се наоѓа во сиромашен регион и добива мала финансиска помош од владата. Селаните го отвориле училиштето во пештера во 1984 година со осум наставници и 186 ученици. Некои ученици патуваат по три часа за да стигнат до училиштето. Неодамна, училиштето било затворено од страна на властите.


Училишта во чамци

Двапати годишно, во Бангладеш има поплави кои оставаат милиони жители без чиста вода и електрична енергија. Една невладина организација изградила куќи, здравствени центри и училишта на чамци за потребите на жителите во овие периоди. Невладината има речиси 100 училишта на чамци опремени со компјутери, интернет и мали библиотеки.



Училиште на железница

Децата во Ориса, Индија не доаѓале на училиште бидејќи молеле за пари на железничките станици. Една наставничка решила да го однесе училиштето до децата кога не може да ги донесе децата во училиштето. Така се родило училиштето на железницата во 1985 година. Досега, повеќе од 4.000 деца биле образовани на овој начин.


Подземно училиште

Основното училиште „Або“ е првото подземно училиште во САД. Тоа било изградено за време на Студената војна за да функционира и како засолниште. Тоа било затворено во 1995 поради големи трошоци за одржување.


Училиште на планина

Гулу е малку познато село кое се наоѓа на планински дел во Кина. Единствениот начин да се дојде до селото е преку пат полн со тесни премини помеѓу камени ѕидови и мали мостчиња. Во една од планините е скриено и основното училиште во селото. Училиштето постои од 1980-те, а е одржувано само од еден наставник.