Одмазднички чин

Одмазднички чин

Онаму каде употребата на сила претставува редовно средство на власта за зацврстување на веќе постоечката позиција на моќ, онаму каде власта произведува безбедносни проблеми за да потоа ја придобие наклонетоста на граѓаните поради ангажманот за стабилизирање на ситуацијата, е таму богами има демократско лицемерие.


 

Деновиве се изначитавме, се изнаслушавме за ’’разоткриената намера’’ на опозицијата за насилно преземање на власта преку подривање на уставниот поредок, преку заплашување на високи државни функционери и нивно уценување и сиве овие пикантерии за ’’пучот’’ соопштени од страна на провладините медиуми, ме одведоа во насока на размислување и длабока загриженост за разурнувачката способност на власта и за опсегот преку кој нејзината сила може да се проектира.


А веќе знаете – таму каде што има сила, нема правда.

Без оглед на наративите кои преовладуваат во моментов сметам дека ова не е државен удар туку во прашање е уште еден измонтиран политички настан кој судски ќе се процесуира. Настрана надворешните закани по нашата безбедност, она што се случи а што не можам а да не го прокоментирам е предизвикувањето на чувство на страв и несигурност кај граѓаните благодарение на измислиците на власта за божемскиот државен удар. Всушност, што значи безбедноста кога не може да се прави разлика меѓу државен удар и политички? Кога веќе ја имаме изгубено способноста за правење споредба, можеби е потребно да се даде поиздржливо значење на идејата за национална/индивидуална безбедност бидејќи во овој политички момент безбедноста претставува недоразвиен концепт.

Во сите нормални демократски држави конкурентската борба за власт и превласт е легална, партиското ривалство е сфатливо но, само во нашата на подмолен начин се лишуваат политичките опоненти и се товарат со сериозни обвинувања за нагризување на постоечката смисла на државата и нејзиниот безбедносен систем. Затоа, ваквото политичкото однесување го објаснувам само како одмазднички чин, контранапад на најавените политички бомби за ’’разнесување’’ на власта. И се слушна силна експлозија пред бомбата да биде активирана.

Објавата на информацијата дека многу познати личности од јавниот и политичкиот свет се прислушкувани и следени од странски разузнавачки служби е само пропаганден обид да се изврши силно влијание врз емоциите на граѓаните. И стравот е веќе присутен. Сите оние кои ги имаат извалкано рацете до лактите, ги имаат ставено рацете и во гомна и во крв се видно вознемирени и загрижени поради обелоденувањето на разноразни вистини. Очигледно нели, некои од нив ептен се исплашија и од страв да не им биде нарушен општествено-политичкиот углед и авторитет кој го уживаат кај поголемото мнозинство граѓани го создадоа ’’пучот’’ кој уште е во процес на монтажа бидејќи има многу нелогичности.

Да, постојат толку многу нелогичности што на моменти ми станува смешно, но веднаш помислувм на правната разврска на случајот и загриженоста е веќе присутна. И впрочем, не е така тешко да се предвиди развојот на ситуацијата ако се земат в предвид сите слабости на нашето правосудство поради влијанието на власта при носењето на судски одлуки.

И не знам колку долго време ќе помине дури оваа фарса( која без сомнение го илустрира нашето демократско тонење ) биде целосно разоткриена, не знам која е целта што се сака да се постигне, но цената која ние грраѓаните ја плаќаме е некако превисока. Не знам за вас, но јас сум веќе изморена. Доста ми е од се’!