Фондот за иновации и технолошки развој одвои 600.000 евра за старт-ап компании

Фондот за иновации и технолошки развој одвои 600.000 евра за старт-ап компании



Домашни компании од областа на иновациите од утре ќе можат да аплицираат за финансиска помош со кофинансирање преку првата програма на Фондот за иновации и технолошки развој за која се одвоени 600.000 евра.

- За планираните четири инструменти за годинава на Фондот за иновации и технолошки развој се предвидени 2.280.000 евра, а генерално за функционирање на Фондот 10 милиони евра, рече денеска на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Со првиот инструмент за кој ќе биде објавен повик утре, се предвидени кофинансирани грантови за 20-ина проекти на старт-ап и спин-оф компании. Со останатите инструменти ќе се доделуваат кофинансирани грантови за трансфер на технологии, за комерцијализација на иновации, како и техничка помош преку деловно-технолошки акцелератори.

Владата очекува долгорочно проектите и финансиската помош преку Фондот за иновации да придонесат за отворање повеќе нови работни места и компании базирани на знаење и технологии со повисок извозен потенцијал, односно поконкурентна економија.

- Се надеваме дека оваа поддршка ќе придонесе кон зголемување на капацитетите на македонскте компании за иновирање, што ќе го зголеми и нивниот капацитет за апсорпција на нови знаења и нови технологии од други компании. Со тоа може да се очекува и зголемен капацитет за соработка со компании од регионот и странство и на тој начин уште поголем праг на технологии и знаење што би требало на долг рок да влијае на конкурентноста на македонските компании, а со тоа и на економскиот развој, рече вицепремиерот Пешевски.

Директорката на Фондот за иновации Јасмина Поповска информира дека старт-ап и спин-оф компаниите што ќе се пријават на утрешниот повик ќе може да добијат најмногу до 30.000 евра. Фондот, како што рече, финансира 85 проценти од вкупните трошоци на проектите. Целта е да се зголеми иновативноста кај македонските претпријатија, но и да се поттикне примената на научно истражувачки проекти од универзитетите во комерцијалниот дел преку формирање спин-оф претпријатија.

- Ги охрабруваме сите микро, мали и средни претпријатија, новоосновани претпријатија кои постојат најмногу 6 години, спин-оф претпријатија кои се во доминантна сопственост домашни компании на макеоднски граѓани да аплицираат за поддршка од Фондот и да ги реализираат своите иновативни проекти кои имаат потенцијал за комерцијализација, рече Поповска.

Фондот за иновации, најави, во наредниот период во поголемите општини ќе организира информативни настани за начинот на добивање финансиска поддршка. Повикот, со условите и методологијата за оценка на апликациите, ќе биде објавен во печатените медиуми и на веб страницата на Фондот за иновации.