Објавен е јавниот повик за доделување на грантови за иновации

Објавен е јавниот повик за доделување на грантови за иновации

Врз основа на членовите 23, 24, 26 и 27 од Законот за иновациската дејност (Службен весник на Република Македонија бр. 79/13, 137/13 и 41/14) и Правилникот за инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за „старт-ап“ и „спин-оф“ трговски друштва и иновации, Фондот за иновации и технолошки развој на 18.02.2015 година објавува

ЈАВЕН ПОВИК 
за поднесување предлог-проекти под инструментот за поддршка 
- кофинансирани грантови за „старт-ап“ и „спин-оф“ трговски друштва и иновации 

Целта на инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за „старт-ап“ и „спин-оф“ трговски друштва и иновации е поттикнување на иновативноста кај претпријатијата, имплементирање иновативни решенија и поддршка на претпријатија кои имаат висок потенцијал за раст, како и пренесување на резултатите од научните истражувања во апликативни, односно комерцијални активности преку формирање „спин–оф“ претпријатија.

За финансирање проекти под овој јавен повик обезбеден е вкупен износ од 600.000,00 (шестотини илјади) евра, односно 36.900.000,00 (триесет и шест милиони и деветстотини илјади) денари.Јавниот повик се однесува на кофинансирање максимум до 85% (осумдесет и пет проценти) од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30.000 евра. Преостанатите 15% (петнаесет проценти) од вкупниот буџет за проектот треба да бидат обезбедени од апликантот.

Повикот е отворен за микро, мали и средни претпријатија (не постари од 6 години) – „старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија, во доминантна сопственост на македонски државјани, кои имаат иновативна идеја со солидно очекување за комерцијализација.

Ги повикуваме сите заинтересирани лица да поднесат уредно пополнети предлог-проекти (во пропишаните обрасци за апликација, бизнис-план, проектен буџет и дополнителна документација) на адреса: бул. Гоце Делчев бб, зграда на МРТ, 20-ти кат, 1000 Скопје и/или на електронска адреса: povik@fitr.mk најдоцна до 18.04.2015 година.

Условите за аплицирање, сите потребни формулари за аплицирање, како и критериумите за оцена на предлог-проектите се детаљно образложени во целосниот текст на повикот достапен на веб-страницата на Фондот за иновации и технолошки развој: www.fitr.mk

За дополнителни информации може да се обратите во Фондот на: info@fitr.mk

Средствата за инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за „старт-ап“, „спин-оф“ трговски друштва и иновации се обезбедени од Буџетот на Република Македонија, Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој и Проектот за развој на вештини и поддршка на иновации на Министерството за образование и наука на Република Македонија, поддржан од Светската банка.

Повик за грантови