Наставата почнува од утре, ќе има и алтернативни предавања

Наставата почнува од утре, ќе има и алтернативни предавања

Подготвил: Драгана Петрушевска

Претставниците од Студентскиот пленум кои присуствуваа на вчерашната средба денес ги дадоа своите официјални изјави во врска со состанокот. Имено, бојкотот на наставата се прекинува. Професорите и студентите од утре се враќаат во предавалните и амфитеатрите. Истовремено, ќе продолжат алтернативни предавања организирани од страна на Студентскиот пленум.


„По вчерашната одржана средба во ректоратот на УКИМ одлучивме по постигнатиот договор да ја прекинеме нашата окупација и да ги ослободиме факултетите, односно тие да се вратат на формалната настава. Мора да се каже дека власта попушти на нашите барања. Ние вчера добивме комплетно нов интегрален закон кој ќе се изработува преку нова методологија и нов концепт, во чие изработување ќе бидеме вклучени и ние“, изјави Стефан од Студентски пленум.

Во врска со надворешното тестирање, Стефан посочи дека било дискутирано на средбата за тоа и било ветено дека такво нешто ќе нема. Згора на тоа, ви изработката на новиот закон ќе бидат вклучени и тие и нема да се прифати никаква форма на надворешно тестирање.

„На настава студентите може да се вратат утре на факултетите кадешто имаше комплетен бојкот на наставата и кадешто се спиеше. Бојкот повеќе нема да има. Ние ќе продолжиме со алтернативните предавања. Во аулите ќе останат сите направени плакати итн. На алтернативните предавања ќе се зборува за студентските барања, за студентските прашања, за студентските проблеми кои подоцна ќе бидат пренесени како прашања во работните групи.

Ова е еден нов концепт, нова методологија на работа кадешто конечно почнуваат студентите и професорите да го пишуваат законот кој нив ги засега“, изјави Ивана од Студентски пленум.

Повеќе музика нема да има, она што ќе остане е плакатите и во еден амфитеатар ќе се одржуваат предавања од професори од матичните факултети или останатите. Така се покажува дека креативноста која се родила за време на изминатиот период на факултетите треба да продолжат и понатаму бидејќи на студентите очигледно им фалело тоа.

Во врска со надоместувањето на загубената настава ќе дознаеме во блиска иднина. Ќе биде дискутирано со професорите, а Студентскиот пленум вети дека ништо нема да биде загубено од семестарот.