Министерството за одбрана објави конкурс за пилоти

Министерството за одбрана објави конкурс за пилоти

Министерството за одбрана на Република Македонија, денска објави Конкурс за запишување на слушатели за стручно оспособување и усовршување на родот авијација.

 

Министерството за одбрана ги повикува сите граѓани на Република Македонија да се пријават на Конкурсот кој претставува уникатна можност за стекнување со специфични знаења од областа на военото воздухопловство и можност за пилотска кариера во Армијата на Република Македонија.

Во процесот на селекција пријавените кандидати ќе поминат соодветни здравствени проверки, физички проверки, проверка на знаењето на англиски јазик, проверка на земја и проверка во воздух. Обуката на селектираните кандидати трае 18 месеци и се реализира во Центарот за обука на пилоти во склоп на Министерството, кој функционира согласно највисоките светски стандарди и во чии рамки се врши обука на авиони од типот Злин 242, хеликоптери Бел-206 и два најсовремени full motion симулатори за хеликоптери Ми-8/17 и Ми-24.

Конкурсот за пилоти ќе трае до 6 април годинава.



МИНИСТЕРСТВО ЗА ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
ВОЕНА АКАДЕМИЈА „ГЕНЕРАЛ МИХАИЛО АПОСТОЛСКИ„ – Скопје

Врз основа на член 25 став 1 од Законот за Воената академија („Сл. Весник на Република Македонија“ бр. 83/2009), Воената академија во Скопје објавува

КОНКУРС
за запишување на слушатели на стручно оспособување и усовршување за родот авијација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, на лица со завршен прв циклус на студии за потребите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија

Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје распишува конкурс за запишување на 8 (осум) слушатели на стручно оспособување и усовршување за родот авијација за потребите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.
Стручно оспособување и усовршување за родот авијација е со времетраење од осумнаесет месеци.

ПРАВО НА УЧЕСТВО НА КОНКУРС
На конкурсот може да се пријават кандидати кои ги исполнуваат општите и посебните услови и тоа:

ОПШТИ УСЛОВИ
- да се државјани на Република Македонија;
- да имаат завршено прв циклус на студии, односно стекнати најмалку 180 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен;
- да не се постари од 28 (дваесетиосум) години;
- да се психофизички способни (го утврдува воено -лекарска комисија).

ПОСЕБНИ УСЛОВИ:
- да не им е изречена мерка на безбедносна забрана за вршење на професија, дејност или должност;
- да ги исполнуваат безбедносните критериуми предвидени со Законот за класифицирани информации, што утврдува надлежен орган во министерството за одбрана;

Право на учество на конкурсот имаат и кандидатите државјани на Република Македонија кои првиот циклус на студии го завршиле во странство.
Кандидатите државјани на Република Македонија кои првиот циклус на студии го завршиле во странство треба да достават документ за нострификација на дипломата добиена во странство, издаден од надлежно министерство.

КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР И ЗАПИШУВАЊЕ

При изборот за запишување на кандидатите на стручно оспособување и усовршување на кандидати со завршен прв циклус на студии за офицери од родот авијација за потребите на Армијата на Република Македонија на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје покрај општите и посебните услови, при почетното рангирање, во предвид ќе се земат општиот успех на кандидатите од првиот циклус на студии и проверката на физичката подготвеност.
При приемот на лица за стручно оспособување и усовршување со завршен прв циклус на студии за потребите на Армијата, ќе се почитува принципот на соодветна и правична застапеност на заедниците.

По завршеното почетно рангирање, кандидатите ќе бидат упатени на понатамошна селекција.

Натамошната селекција се состои од селективни проверки и тоа:
- проверка на познавање на англиски јазик (освоени минимум 70 поени по American language course placement test – ALCPT тест);
- проверка- селекција на земја;
- посебна здравствена способност, што го утврдува надлежна лекарска комисија за воздухопловен персонал;
- проверка- селекција во воздух.
Сите селективни проверки имаат елиминаторен карактер. Кандидатот кој нема да помине на една селективна проверка го губи правото да учествува на следните проверки а со тоа го губи и статусот на кандидат.

ПОСТАПКА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА КОНКУРСОТ

Конкурсот го спроведуваат Конкурсна комисија што ја формира деканот на Воената академија.
Психофизичката способност на кандидатите се утврдува со специјалистички прегледи и оценка од надлежна Воено -лекарска комисија во Воено – медицинскиот центар во Скопје.
По добивањето на резултатите од Воено – лекарската комисија, кандидатите кои се оценети како психофизички способни се упатуваат на проверка за физичка способност.
Проверката за физичка способност се врши според Тест програмата за проверка за физичката способност.
Проверката за психофизичка способност и проверката за физичка способност имаат елиминаторен карактер.

Вреднување на успехот при почетното рангирање

Вреднувањето на критериумите од општиот успех и успехот постигнат на проверката на физичката подготвеност се изразува во поени.
Максималниот број поени што кандидатот може да ги освои по критериумите од општиот успех и успехот постигнат на проверката на физичката подготвеност изнесува 100 поени.
Општиот успех на кандидатите постигнат за време на првиот циклус на студии учествува со најмногу 80 поени.
При проверката на физичката подготвеност кандидатите треба да имаат документ за утврдување на идентитетот (лична карта или пасош).
Рангирањето на кандидатите го врши конкурсната комисија.
Во рок од 24 часа по реализацијата на проверката на физичката подготвеност, Конкурсната комисија изготвува и објавува на огласната табла и веб страната на Академијата http://www.ma.edu.mk/ почетна прелиминарна ранг листа на добиените резултати за кандидатите.
Во почетна прелиминарна ранг листата се истакнуваат бројот на поени од општиот успех на кандидатите постигнат за време на првиот циклус на студии, бројот на поени од проверката на физичката подготвеност и вкупниот број на поени, за секој кандидат.
Кандидатот има право на приговор до Деканатската управата на Академијата преку конкурсната комисија, во рок од 24 часа од објавувањето на прелиминарната ранг листа.
Одлуките по приговорите се објавуваат на огласна табла и веб страната на Академијата http://www.ma.edu.mk/, во рок од 24 часа од истекувањето на рокот за поднесување на приговори.
Одлуката на Управата на Академијата по приговорот е конечна.
Почетната прелиминарната ранг листа станува конечна и по истекувањето на рокот за поднесување на приговор.
По завршеното почетно рангирање кандидатите продолжуваат со селективните проверки по англиски јазик, проверка- селекција на земја, посебна здравствена способност и проверка- селекција во воздух.
По завршување на секоја селективна проверка комисијата определена за вршење на селективната проверка, до конкурсната комисија доставува листа на лица кои ја поминале селекцијата.
Во рок од 24 часа по реализацијата на секоја селективна проверка, Конкурсната комисија објавува на огласната табла и веб страната на Академијата http://www.ma.edu.mk/ листа на кандидати кои ја поминале проверката.
На секоја листа од селективните проверки, кандидатот има право на приговор до Деканатската управата на Академијата преку конкурсната комисија, во рок од 24 часа од нејзиното објавување.
Одлуките по приговорите се објавуваат на огласна табла на Академијата, во рок од 24 часа од истекувањето на рокот за поднесување на приговори.
Одлуката на Управата на Академијата по приговорот е конечна.
Листите од селективните проверки стануваат конечни и по истекувањето на рокот за поднесување на приговор.
По објавување на конечната ранг листа, Наставно-научниот совет на Академијата доставува предлог мислење за истата и ја доставува до министерот за одбрана, кој врши избор на кандидатите.

РОКОВИ
Заинтересираните кандидати за упис на стручно оспособување и усовршување за родот авијација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје можат да ги достават потребните документи за пријавување од денот на објавувањето на конкурсот до 06.04.2015 година.
По утврдување на пријавните листи, пријавените кандидати кои ги исполнуваат условите од конкурсот ќе бидат повикани за утврдување на психофизичката способност и физичката подготвеност.

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА КОНКУРСОТ

Кандидатите кои конкурираат на Конкурсот треба да ги поднесат следниве документи:
• пријава (пополнет формулар кој се добива во Воената академија);
• диплома и уверение за завршено високо образование;
• уверение за државјанство;
• извод од матичната книга на родени;
• уверение од надлежен суд за неизречена мерка на безбедносна забрана за вршење професија, дејност или должност.
• Кратка биографија (CV).
Кандидатите државјани на Република Македонија кои високото образование го завршиле во странство треба да достават документ за нострификација на дипломата издаден од надлежно министерство.
Документите за пријавување на конкурсот кандидатите треба да ги достават лично во деловодството на Воената академија во Скопје на ул. ,,Васко Карангелески“ бб.

ШКОЛУВАЊЕ, ПРАВА И ОБВРСКИ НА СТУДЕНТИТЕ

Кандидатите кои се примени на Конкурсот за стручно оспособување и усовршување за родот авијација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје за потребите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија се стекнуваат со статус на слушател.
Посебните права и обврски на слушателите за офицери од родот авијација за потребите на Армијата на Република Македонија ќе бидат уредени со договор.
По завршување на стручното оспособување и усовршување слушателите согласно закон се произведуваат во соодветниот чин од родот авијација и се примаат на служба во Армијата на Република Македонија, односно на работа во Министерството за одбрана.

Со почит,

ВОЕНА АКАДЕМИЈА