Дали човекот станува попаметен?

Дали човекот станува попаметен?

Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Не е невообичаено родителите да коментираат дека нивните деца се многу попаметни отколку што навистина се. Но, едно ново истражување дава свежи докази дека родителите можеби се навистина во право.

 

pametni


Истражувачите Пера Вонгпупарај, Вена Кумари и Робин Морис од Кралскиот колеџ во Лондон, анализирале податоци од 405 претходни истражувања. Заеднички тие успеале да соберат податоци за IQ тестови од повеќе од 200.000 учесници, во период од 64 години и од 48 земји.

Фокусирајќи се на еден дел од IQ тестот, прогресивните матрици на Равен, тие открија дека просечната интелигенција се зголемила за 20 IQ поени од 1950 година. IQ тестовите се дизајнирани на начин на којшто тие обезбедуваат просечниот резултат секогаш да е 100, такашто ова е значаен скок.

Меѓутоа, зголемувањето не е насекаде рамномерно распоредено. Интелигенцијата генерално побрзо се зголемила во земјите во развој, со најголем скок во Кина и Индија. Напредокот во веќе развиените земји покажува постојано зголемување во Америка, но опаѓање во Велика Британија.

Новото истражување понатаму потврдува тренд за кој научниците се свесни веќе некое време. Во 1982 година филозофот и психологот Џејмс Флин, додека разгледувал низ стар американски прирачник за IQ тест, кога тестовите биле ревидирани на секои 25 години, забележал дека кандидатите добивале два теста, стар и нов.

„Забележав дека кандидатите на стариот тест имаат повисоки резултати отколку на новиот тест“, вели Флин. Со други зборови, тестовите станувале потешки.

Ова станало познато како ефектот на Флин, иако Флин нагласува дека тој не бил првиот човек кој ја забележал оваа шема.

Но, ако тестовите станувале потешки, а просечните поени останале стабилни на 100, тогаш сигурно луѓето станувале подобри. Така на пример, ако кандидатите направат тест од пред еден век, тие ќе имаат исклучително висока интелигенција, со IQ 130. Ако луѓето од пред 100 години го направат денешниот тест тогаш тие ќе имаат просечна интелигенција или IQ 70, што се припишува на луѓе со интелектуална попреченост. Поинаку кажано, интелигенцијата расте за околу 3 поени по деценија.

Ова се случува насекаде во светот. „Дали има смисла, тоа што некогаш скоро 40% од Холанѓаните немале капацитет да го разберат фудбалот, најомилениот спорт на целата нација?“

Што всушност се случува? Во поголемиот дел од развиениот свет, повеќе луѓе денес се на училиште; наставните методи еволуирале, се оддалечиле од едноставното меморирање на имиња, датуми и факти. Логичка е претпоставката дека образованието ги тренира луѓето да размислуваат подобро.

Флин овој континуиран процес го сведува на длабоки промени во општеството, како и образованието во изминатиот век, кое ги натера луѓето да размислуваат апстрактно и на научен начин.

Тој го цитира делото на рускиот невролог Александар Лурија кој го студирал населението од Советскиот сојуз. „Тој откри дека луѓето биле прагматични и конкретни во своето размислување. Тие не биле способни за користење на логичка апстракција“.

За да го докаже ова, Луриа му поставил една задача на старешината на едно племе во Сибир: „Кадешто секогаш има снег, мечките се бели; секогаш има снег на Северниот Пол - каква боја се мечките таму?“

Старешината одговорил дека тој имал видено само кафеави мечки, меѓутоа ако дојде мудар човек од Северниот Пол и му каже дека има бели мечки, тој ќе му поверува. На тој начин, научните методи, хипотетички одговор, класифицирање и правење на логички заклучок биле непознати за овој човек.

Исто така, постои дебата во врска со исхраната. Во истражување направено во 2008 година, Ричард Лин забележува дека мерките на менталниот развој кај бебињата се зголемил во Британија и Америка во корелација со зголемување на IQ кај постарите деца. Лин вели дека предпородилната исхрана е детерминатна на родилната тежина, која пак е во корелација со високата интелигенција. Недостатокот на хранливи материи, особено јодот, негативно влијае врз интелектуалниот развој на децата.

„Денес имаме поширок спектар на когнитивни проблеми кои можеме да ги решиме подобро од луѓето во 1900 година. Тоа е така само затоа што општеството од нас бара поширок спектар на решавање на когнитивните проблеми. Луѓето во 1900 година имале ум совршен за помнење на нивните втори братучеди или за орање на фарма. Никој од нив не барал да имаат високо образование“, вели Флин.