Писмо на поддршка од Наставничкиот до Средношколскиот Пленум

Писмо на поддршка од Наставничкиот до Средношколскиот Пленум

Наставничкиот пленум вчера објави писмо на поддршка наменето за Средношколскиот пленум.


„Почитувани пленумци,

Во време кога Студентскиот пленум се избори за создавање нов Закон за високо образование, вашите протести за подобро и поквалитетно средно образование ги актуелизира проблемите произлезени од новите одлуки на надлежните кои ве засегаат сите вас – средношколци.

Одлуката за полагање на државната матура во средните гимназиски училишта во која задолжителен предмет е математика, додека учениците од другите средни училишта (насочени) имаат можност да ја бираат како изборен предмет, ги доведува гимназијалците во неправедна и подредена улога со која не сите средношколци се изедначени во трката за место на посакуваниот факултет. Од следната година се планира математика да биде задолжителен предмет на матура за сите средношколци, која одлука ќе доведе до дискриминација од друг вид. Имено, догодина ќе бидат дискриминирани ученици од стручните училишта поради фактот што тие математиката ја изучуваат со помал број на часови и по скратена програма а материјалот за полагање на матура е ист за сите средношколци. Освен ова се јавува проблем и со различни програми по математика за одредени стручни училишта (на пример учениците во средно економско изучуваат економска математика која не се изучува во други средни училишта), а во некои стручни училишта математика е изборен предмет во трета и четврта година. Со тоа се нанесува неправда и се ограничува можноста на учениците од одредени насоки (биохемиска, јазична, уметничка) рамноправно со матурантите од другите средни училишта да учествувате во полагањето на државна матура и да го заокружите своето средношколско образование под исти услови.

Вашето барање за поништување на концептот на екстерно тестирање е јасен показател дека сте длабоко свесни за штетата која ја трпи секој еден ученик преку озваничување на оценката од еден тест и дека таа оценка не е показател на вашите постигнувања во текот на учебната година. Повисоките оценки добиени нереално, само создаваат лажна слика за вашите постигнувања и ја искривуваат сликата за степенот на вашите постигања, но и го слабнат чувството на одговорност кај секој поединец кој допрва треба да гради свој живот и да создава во одредени општествени услови. Пониската оценка добиена нереално, му нанесува штета на ученикот со несогледиви последици, одземајќи му ја можноста да се запише на посакуваниот факултет и да го оствари животниот сон. Вашите барања, екстерното тестирање да има само формативен карактер, се сосема легитимни и логични. Ова, особено заради таквиот карактер на екстерното тестирање во сите земји ширум светот. Никаде во светот резултатите од екстерните тестови не се поврзани со успехот на учениците и не влијаат врз истиот.

Во оваа прилика, сакаме јавно да ви искажеме поддршка во вашите заложби за подобро и поквалитетно образование и да Ви порачаме дека во вашата борба целосно ја имате подршката од

Наставнички пленум