Реакција од ученик: Учам во

Реакција од ученик: Учам во "најелитната" гимназија во Битола

“О училиште мое, втор дом мој!” рецитиравме со гордост, некаде помеѓу прво и четврто одделение, а сега самите зборови се како киселина на нашите јазици. Вториот дом со сите тие втори мајки и татковци од темел врз кој се градевме како личности со знаење и способност да размислуваме слободно стана едно место од кое се враќаме полни нервоза и негативна енергија.



Но, како што не’ нарекува нашиот драг директор, ние сме бунтовниците без причина. Стискаме заби и се затвораме во нашите соби без причина, исто како што се организираме во пленуми и одиме на протести без причина бидејќи има еден познат факт- учениците само не сакаат да одат на училиште, така?

Но секако не смееме да не одиме на училиште, посебно ако тоа е бојкот на настава. Гледате, ние седиме во дворот и се тресиме од студ само за да не одиме на училиште, без причина… Секако дека ќе попуштиме сите, еден по еден, бидејќи би имале намалено поведение и не би отишле на екскурзија.

Вистина е, не сакаме да одиме на училиште. А зошто па и да одиме на училиште? Можеме да си испечатиме по триесет прашања од секој предмет, да ги набубаме и потоа да одиме на тестирање, па комисија да не’ оцени. Па не ни требаат ни професори со нивните досадни тестови и испитувања, така? Тие не знаат колку знае некој ученик после цела година помината во следење на неговиот развој и знаење по нивниот предмет за кој тие макотрпно студирале. Не, нас потребен ни е еден компјутер и само еден час. Ние учиме само за петката во сведителството.

А, и тоа е најважно во мојата драга, сакана гимназија. Не е важно како си ја добил оценката, дали си бил нечиј полтрон или вистина си го “загреал” столчето. Да го цитираме големиот Макијавели- целта ги оправдува средствата. Секако, целта е секогаш петка на крајот од годината, а средствата се незнаење и секако да се биде мек како памук, да не си способен да размислуваш без некој да те држи за раче. Се е во ред и Горната пак ќе биде во првите топ три училишта секоја година и сите ќе си земиме убави дипломи и ќе бидиме гордост на мама и тато.

Реакција од ученик

Објавено на страната на Наставнички пленум