Меѓународна научна конференција "Современи безбедносни парадигми и предизвици: Tеорија и практика"
Почитуван/а,
Ни претставува особено задоволство да Ве известиме дека по повод својата 40-та годишнина, Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј, организира меѓународна научна конференција под наслов Современи безбедносни парадигми и предизвици: Tеорија и практика.
Настанот ќе се одржи на 18 и 19 ти септември 2015 година во Скопје. Главната цел на оваа конференција е да ги собере на едно место научните работници од Република Македонија и од странство заради размена на мислења и перспективи за најважните прашања поврзани со безбедноста на светот во XXI век. Тргнувајќи од сложениот сплет на истражувачки интереси и комплексниот курикулум кој беше развиван низ децениите, речиси истовремено во сферата на безбедноста, одбраната и мировните студии, идејата е да се промовира интердисциплинарниот пристап и да се овозможи дијалог помеѓу дисциплините и различните школи на мислење.
Во широката лепеза на можни теми за кои ќе се дискутира на конференцијата, ги издвојуваме следните:
• 40 години подоцна: синергија или ривалитет меѓу студиите на безбедноста, одбраната и мирот?
• Воведување промени во наставниот процес за безбедноста, мирот и одбраната
• Мултидисциплинарноста на мировните студии: благослов или проблем?
• Цивилното општество, идентитетот и конфликтот во посткомунистичките земји
• Одбранбена дискусија: Дијалектика и Трансформација
• Справување со минатото и помирувањето во постјугословенскиот простор
• ЕУ перспективите на Западниот Балкан
• Справување со свет на растечки мултиполаризам
• ЕУ како глобален актер
• Интеркултурализмот и мирот
• Секуритизација на миграциите
• Родови перспективи на мирот и безбедноста
• Македонија и нејзините меѓународни односи
• Внатрешните безбедносни предизвици на Република Македонија
• Нови истражувања на тероризмот: мотивации и одговори
• Светско глобално општество, социјални движења и промена
• Од политика до протести: Quo Vadis, демократијо?
• Медиумите, војната и меѓународните односи
• Приватизација на безбедноста
• Глобална еко-политика
• Човековите права и хуманитарните интервенции
Со оглед на Вашите високи академски постигнувања и знаења, убедени сме дека со Вашето учество ќе ја збогатите научната дебата и на оваа конференција. Затоа, ќе бидеме почестени доколку ја прифатите нашата покана да бидете учесник на оваа значајна конференција.
Крајниот рок за поднесување кус апстракт и наслов на презентацијата е до 12 април 2015 година. Текстовите треба да бидат готови најдоцна до 1 септември 2015 година, со цел да бидат публикувани во меѓународна публикација.
За поднесување на апстрактите или за некоја дополнителна информација, Ве молиме да се обратите до техничкиот секретар на Конференцијата, доц. д-р Сергеј Цветковски, sergej@fzf.ukim.edu.mk.
Во име на Програмскиот одбор на Конференцијата,
со почит,
Проф. д-р Билјана Ванковска
Официјален повик.