Новите телекомуникациски технологии и нивното влијание

Новите телекомуникациски технологии и нивното влијание

Подготвил: Тони Јаневски


 
Internet of Things -само имагинацијата е лимит

Овој текст ќе го започнам со зборови кои вообичаено ги кажувам во моите предавања на студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Секогаш мора да се погледне накратко минатото за да се даде предвидување за иднината, а во телекомуникациите тоа е можно бидејќи технологиите кои денес се развиваат се оние кои утре ќе се појават. Во 21-от век, кога сите сервиси се пренесуваат со дигитални сигнали, кои се поворки од дигити (во најчест случај тоа се бити), се губи потребата да имаме различни мрежи за различните типови сервиси, бидејќи независно дали ќе пренесуваме фајлови (текст, слики, музички или видео клипови, итн.) или говор или телевизија, низ телекомуникациските мрежи (мобилни или фиксни) ќе се пренесуваат дигити т.е. бити. Но, останува потребата да имаме одредени гаранции за квалитетот на сервисите (т.е. услугите) како што се доцнењето, битскиот проток (во бити/секунда, мегабити/секунда) и сл. по дадена конекција или даден корисник.

Истовремено со овие процеси на дигитализација, кои се одвиваа одделно за телефонијата и за телевизијата во изминативе неколку децении, се развиваше Интернет како мрежа за пренос на податочни мултимедиски содржини, базирана на едноставност и ниска цена на мрежните елементи (комутатори, рутери) и без експлицитна поддршка за квалитет на сервисите за разлика од тоа што е обезбедено во класичните телефонски мрежи и мрежите за ТВ и радио дифузија. Токму принципот best-effort во Интернет, што значи дека секоја IP конекција што ќе се побара од некоја апликација (на пример, Web, email, BitTorrent, Youtube, Skype, итн.) ќе биде воспоставена, се главната причина за успехот на IP, но истовремено и главниот предизвик за целосна интеграција на класичните телекомуникации (телефонијата и телевизијата) со Интернет. Отвореноста на Интернет кон различни апликации и сервиси го промовираше како мрежа кон која конвергираат во целост телекомуникациите, уште од крајот на 1990-те години. Конвергенцијата на класичните телекомуникации (за телефонија и за телевизија) кон Интернет се реализираше со стандардизацијата на следната генерација на мрежи – NGN (Next Generation Networks). Секако, јавниот Интернет (или со други зборови network-neutral Интернет) си останува да постои во паралела со NGN инфраструктурата која овозможува пренос на телефонија и телевизија со Интернет технологии со гарантиран квалитет на сервисите (што пак не е дел од јавниот Интернет).

Како една сосема нова димензија во телекомуникацискиот свет NGN воведува практична поврзување на се (anything connectivity) преку обезбедување на информациска инфраструктура за Интернет-на-нештата (Internet of Things - IoT) и веб-на-нештата (Web of Things - WoT). Таквиот развој оди кон Интернет-на-сè (Internet of Everything) концепт кој дава можност за поврзување на безброј уреди и сензори за различни цели (на пример, создавање на паметни градови, паметни згради, паметен транспорт, паметнa индустрија, паметна животна средина, онлајн игри и забава, итн.). Со поврзување на луѓето, податоците, бизнис процесите, и нештата (во нашата околина дома, на работа, и во средината), IoT/WoT ќе создаде уште поголем комуникациски сообраќај и соодветно експоненцијално зголемување на дигиталните податоци, што може да доведе до многу нови иновации и можности во блиска иднина (на пример, во следната деценија). Сепак, ваквиот развој е можен со транзиција кон IPv6-базиран Интернет (тековно доминантна верзија на Интернет протоколот е IPv4 во околу 95% од сите уреди поврзани на Интернет, што се очекува во следната деценија да се промени во корист на IPv6).

Транзиција кон NGN од традиционалните телефонски мрежи (PSTN/ISDN) е тековен процес во глобални рамки, додека во Македонија е завршен за фиксните телефонски мрежи уште на почетокот на 2014 година (со тоа станавме и први во Европа кои го направија тоа, да имаме целосно IP базирана телекомуникациска инфраструктура, https://www.telekom.com/media/company/214696). Сепак, за обезбедување на транспарентна миграција за говорните сервиси (телефонијата), NGN обезбедува функции за PSTN/ISDN емулација и симулација (со тоа обичниот корисник речиси да не ја забележува промената на технологијата, единствено парицата која ја приклучуваше во телефонскиот приклучок во ѕид дома сега ја приклучува во уред кој му го дава операторот од кој ја добива телефонската услуга), со што се обезбедува можност за корисниците да продолжат да ги користат традиционалните телефонски услуги со двата типа уреди, класичните телефонски апарати и NGN-способни уреди (т.е., компјутери, смарт-телефони и други смарт уреди).

Од друга страна, мрежно неутралниот Интернет се интегрира со NGN, и на тој начин овозможува истовремено постоење во Интернет на Over-The-Top (ОТТ) сервиси кои немаат никакви гаранции за квалитетот на сервисот на поединечните конекции (на пример; веб сајтови, емаил, Skype, Viber, Facebook, Twitter, Dropbox, Youtube, BitTorrent, онлајн играње со платформи како Valve и Steam, како и многу други апликации кои се достапни на веб сајтови на Интернет или во апликациските екосистеми на Google, Apple, Microsoft, итн.), и сервиси кои се понудуваат од телекомуникациските фиксни и мобилни оператори со гарантиран квалитет на сервисот согласно на претплатничките договори и регулативата (на пример, фиксна и мобилна телефонија, мобилна телевизија, SMS, MMS, пристап до Интернет со дадена битска брзина, изнајмени линии за бизнис корисници, итн.).

Со цел да се обезбеди целосна функционалност на различни видови на услуги (како на пример, за Интернет-на-нештата) NGN треба да мигрира понатаму прво во целосно IPv6-базирана мрежа, заради поголемиот адресен простор на IPv6 (кој е потребен ако сакаме да имаме за 10-на години околу 100-на милијарди уреди и нешта закачени на Интернет), како и подобрените карактеристики на новата верзија на Интернет протоколот IPv6 (која и не е толку нова, бидејќи е стандардизирана во 1998 година, но сега доаѓа нејзиното време на Интернет сцената) во однос на квалитетот на сервисите (Quality of Service – QoS), безбедноста, multihoming (тоа е користење на повеќе мрежни интерфејси на еден ист уред или машина за дадена Интернет конекција) и поддршка за Интернет мобилноста.

Еволуција на NGN продолжува понатаму со т.н. Идни мрежи (Future Networks), кои се насочени да ги овозможат “свест” (awareness) кај телекомуникациските сервиси вклучувајќи виртуелизација на ресурси, свест за податоците, свест за животната средина вклучувајќи потрошувачка на енергија, како и социјална и економска свест вклучувајќи универзализација на сервисите. Така, идните Интернет-базирани мрежи ќе бидат се повеќе насочени кон cloud computing (на пример, виртуелни мрежи, платформи и апликации понудени на крајните корисници). Еден пример на cloud computing се и денешните социјални мрежи или веб базираниот пристап до емаил сервиси (на пример, gmail, yahoo mail, итн.).

Во моментов телекомуникациите креираат динамичен свет во кој доминираат од- крај-до-крај Интернет-базирани комуникации (за сите сервиси), каде што глобалните Over-The-Top сервис провајдери (како на пример, Google, Apple, итн.) нудат голем број на апликации/сервиси на глобално ниво, така што телефонијата станува само една од апликациите (сепак, една од најважните, бидејќи луѓето природно комуницираат меѓусебе преку говор), а од друга страна секој корисник станува и креатор на содржини (на пример, слики и видеа кои се закачуваат на веб сајтови во мрежата, како што се Instagram или Youtube, соодветно). Така, доминантни бизнис играчи во телекомуникацискиот апликациски свет повеќе не се националните телеком оператори, туку глобалните сервис провајдери.

Конечно, миграцијата кон NGN и Future Networks носи многу предизвици за операторите (кои имаат телекомуникациски мрежи, фиксни или мобилни) и сервис провајдерите, за телекомуникациските регулатори, за производителните на опрема и кориснички уреди (на пример, смарт телефони и уреди), како и за останатите поврзани бизнис сегменти, но истовремено нуди бескрајни можности за брза иновација на нови телекомуникациски мрежи и сервиси што е добро за сите, и за корисниците и за општеството во целина во глобални рамки.

Резимирано, блиската иднина на телекомуникациите ќе биде карактеризирана со комплетно Интернет-базирани комуникации од крај до крај, со се поголеми битски брзини до крајните корисници (ќе се носи оптика до дома во фиксните мрежи постепено до се поголем број корисници, а по 2020 година ќе се појави и 5-та генерација мобилни системи, 5G, која се очекува да обезбедува 10-на пати поголеми битски брзини од тековните битски брзини во мобилните мрежи), бројот на уреди поврзани на Интернет се очекува значително да се зголеми за 10-на година со имплементација на IoT (Internet of Things), а самите телекомуникациски сервиси ќе стануваат уште повеќе контекстуални и кориснички ориентирани (user-centric), додека ширењето на cloud computing ќе овозможи податоците (од најразлични типови, како фајлови, програми, слики, видеа, игри, итн.) да ни бидат достапни во секој момент, од секоја локација, и преку секој уред поврзан на Интернет. А понатаму, само имагинацијата е лимитот...

 
проф. Тони Јаневски,
редовен професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии,
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.