Студентите од утре ќе може да аплицираат за таблет

Студентите од утре ќе може да аплицираат за таблет

Министерството за информатичко општество и администрација денеска распиша оглас за компаниите од ИТ секторот кои сакаат да учествуваат во проектот за доделување таблети за студентите. Објавен е и повикот за студентите кои сакаат да аплицираат. Компаниите кои ги исполнуваат условите можат да аплицираат во министерството и да започнат со привлекување на студентите за искористување на нивниот ваучер, информираше денеска министерот Иво Ивановски.


Условите за учество во овој оглас е компаните да постојат на пазарот подолго од 2 години и да имаат најмалку 3 вработени.

Министерот Ивановски посочи дека сите оние фирми кои ги исполнуваат овие услови ќе можат да ги контактираат студентите, да ги привлекуваат за да можат студентите да ги искористат своите ваучери.

-Анализата која што ние ја имавме направено како Влада за тоа кои се цените и кои се таблетите кои се најбарани минатата година, покажува дека сумата од 8000 денари е далеку подобра од она што беше најбаран таблет во цела 2014 година. Од А-класа на таблети во Р.Македонија во 2014 година беа увезени 15.000 таблети, а само со оваа програма која што ја има  Владата на Р. Македонија можеме да им понудиме 12.000 ваучери на студентите. Тоа значи ¾ од пазарот кој го имаше приватниот сектор цела мината година ние ќе го спроведеме тоа во 2 до 3 месеци, истакна Ивановски.


Во А- категорија на таблети спаѓаат Асус, Леново, Ејсер, Самсунг и Ајпад  5, во таа категорија на таблети цените почнуваат од 4500 денари до 8500 денари.

 Ивановски посочи дека со спроведување на овој проект се очекува дека и цените ќе паднат, бидејќи конкуренцијата во економијата ќе се раздвижи.

Преседателот на ИКТ Комората при Сојузот на стопански комори, Саша Огненовски истакана дека оваа акција ќе придонесе за зголемување на продажбата на ИТ-опремата пред се на таблетите .

Тој посочи дека од Министерството за информатичко општество и администрација добиле информации за тоа колку студенти ќе добијат таблет, а  компаните веќе  се подготвуваат  за да бидат спремни да ја пречекаат акцијата.

За реализација на овој проект Владата од Буџетот издвои 96 милиони денари.

Дејан Јакимовски еден од сопствениците на компанијата „СЕТ компјутери“ изрази задоволство за овој проект на Владата со кој како што рече, покрај тоа што студентите од најранливите категории ќе добијат бесплатни таблети дополнително ќе помогне и на ИТ-индустријата и ИТ-компаниите .

Тој посочи дека студентите ќе имаат голема понуда на таблети и овој пат ќе можат да си дозволат и таблети од А-класа.