Средношколскиот пленум со соопштение до јавноста

Средношколскиот пленум со соопштение до јавноста



Соопштението ви го пренесуваме во целост:

1. Средношколскиот пленум претставува иницијатива, здружување на средношколците(кое им е загарантирано и на граѓаните со Уставот на Република Македонија и со Конвенцијата за правата на детето) кое функционира преку принцип на директна демократија и одлуките ги носат средношколците со една единствена цел: да посочиме на сериозните последици од лошите реформи во образованието и да издејствуваме за промена на тие реформи кои според силината на аргументите несомнено не придонесуваат за подобрување на образованието.Одлуките на средношколскиот пленум ги носат единствено средношколците и никој друг и токму затоа зад средношколскиот пленум застанаа самите средношколци(излезеност на средношколците кои стоеа зад средношколскиот пленум имаше во многу градови во Македонија).На нашите маршови се појавија илјадници средношколци што докажува дека ние ги застапуваме нашите барања односно барањата на средношколците.Тоа кажува многу за активноста на самите средношколци и довербата која тие ја имаат во средношколскиот пленум(кој всушност го сочинуваат самите тие-средношколците). Средношколскиот пленум досега организира два протесни марша во Скопје и Тетово.Освен во Скопје и Тетово, протесни маршови беа организирани и во други градови како што се : Битола, Тетово, Кичево, Струмица, Дебар, Неготино, Кавадарци, Куманово, Ресен, Велес, Виница како и во други градови во Македонија.Средношколскиот пленум ги оценува како успешни протесните маршови, а особено оние во Скопје на кои и на двата марша присустуваа повеќе од 3000 средношколци и останати граѓани.Во врска со притисоците, се појавија најразлични притисоци од тоа дека ќе ни биде намалено поведението(на учениците од Битола директорката на училиштето им се закани дека ќе им го намали поведението(има и видео запис за ова), исто така имало закани дека нема да се оддржи екскурзијата доколку учениците одат на протесните маршови или пак дека ќе им бидат намалени одредени оценки.


2. Иако Средношколскиот пленум два пати испрати барање до МОН и иако повеќе пати се обидовме да закажеме средба, не успеавме да оствариме контакт со министерот за образование.Ние ќе инсистираме да имаме средба со министерот бидејќи негова должност е да не’ ислуша и да оствари средба со нас.Според член 24 од Уставот на Република Македонија, став(1) стои дека секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одговор.Ние ќе инсистираме да го добиеме тој одговор.Нашите барања излегоа во јавноста и и барањето за ставање на екстерното тестирање во мирување и барањето за враќање на стариот концепт за полагање на државна матура имаат добра аргументација при што би издвоиле дека со оцената (1) , а која се запишува во сведителствата како оценка која може да се добие на екстерното оценување, се оди спротивно на Законот за средно образование во кој според член 45, сите оценки се преодни освен оценката недоволен (1).Освен тоа, екстерното тестирање се базира само на помнењето, кое инаку е критериум кој се оценува со оценка(2)(односно, ако ученикот само го запамети фактот и при тоа не знае да го примени знаењето, односно не ги исполнува останатите критериуми за оценување(разбирање, применување, анализа, синтеза и вреднување))Исто така би посочиле на фактот дека со електронското полагање, кое МОН го предвидува дека би се полагало во 4 етапи(односно во 4 различни термини би се јавил проблем на нееднаквост меѓу учениците(имено, оние кои би ја полагале матурата во некои од подоцнежните етапи би имале можност да се запознаат со егзактните прашања преку контакт со своите соученици и следствено тие би оствариле подобри резултати од оние кои ќе полагаат во првата етапа.Со секоја наредна етапа, се зголемува можноста за целосно запознавање на прашањата и постигнување на подобри резултати)) се губи релевантноста на самиот тест.Како најсериозен државен тест во образованието, државната матура не смее да се соочи со вакви пропусти.Исто така ќе истакнеме дека кога сегашните матурантите се запишуваа во средно образование, за нив важеше дека ќе полагаат по еден концепт за полагање на државна матура(тоа е стариот концепт за полагање на државна матура како што полагаа матурантите во 2014 година)), а во изминатите 4 месеци беа донесени промени во концептот за полагање на државна матура, што секако е задоцнета информација за средношколците.Иако првично земено дека матурата претставува замена за приемните испити, сепак со задолжително полагање на три испити(мајчин јазик, математика и странски јазик), матурата добива сосем поинаква димензија бидејќи на тој начин единствено што се добива како резултат е унифицирање на средношколците.Со задолжително полагање на математика и на странски јазик, всушност се одредува точно кои предмети влијаат врз бодовите кои се стекнуваат со полагањето на државна матура(а кои се многу значајни при упис на факултет) иако секој факултет си има истакнато листа кои предмети ги смета за приоритетни и кои предмети треба да се полагаат за да се зголеми веројатноста за да бидат примени учениците на тие факултети.

3. Унијата на средношколци на Македонија веќе 2 години има статус на неактивна организација.Нивниот последен состанок се оддржал на 16.12.2013 година.На оваа средба присуствувале 34 претставници од 12 средни училишта од Македонија.Според државниот завод за статистика на Република Македонија и нивното истражување во 2013-2014 година, во нашата земја има вкупно 113 редовни средни училишта.Средношколскиот пленум прашува како е можно огранизација која 2 години покажува неактивност и во која не членуваат средношколци од барем половина од средните училишта во нашата земја се смета себеси за легитимен претставник на средношколците и нивните барања.

4. Според истражувањето спроведено од страна на Младинскиот образовен форум “Капитулација, конфузија или отпор-Социјалниот капитал на македонските средношколци”[МОФ и Реактор, 2010] се увиде дека 70% од испитаните средношколци не се запознаени дека има средношколско огранизирање во нивните училишта, а 81% никогаш не учествувале во избор на средношколска унија.Следствено е дека информираноста на средношколците во изминатиот период не беше на многу високо ниво, но со последните активности можеме да кажеме дека нивното знаење за нивните права многу се зголеми.Средношколците почнаа да истажуваат, дознаа за ОБСЕ, за Хелсиншки комитет, јавен правобранител, советодавен сервис за млади.Свеста на младите луѓе-средношколци се подигна при што постепено почна да се зголемува знањето за нивните права како и за органите до кои можат да се обратат за совети и како да си ги заштитат своите права.Иако средношколскиот пленум веќе месец и половина покажува активност и иако два пати ги поднесовме нашите барања, унијата на средношколци(за која преку спроведеното истражување докажуваме дека голем дел од средношколците не се запознаени) излезе во медиумите дека е легитимен претставник на средношколците.Прашањето е како е можно оваа организација да биде легитимен претставник кога освен што не е активна, најголем дел од средношколците не ни знаат за нејзиното постоење.

5.Средбата со раководството на МОН која Унијата на средношколци на Македонија успеа да ја договори(при тоа, на првата и единствена средба беше одобрено да математиката биде задолжителна само за оние ученици кои се определиле за природно-математичкото подрачје) Средношколскиот пленум ја оценува како обид да бидат измамени средношколците.Средношколскит пленум, зад кој стојат голем број на средношколци, во своите барања јасно истакнува за што се залага и секој обид за да се измамат средношколците ќе биде само мотив за да тие уште погласно го бараат прифаќањето на нивните барања.Оваа одлука ја оценуваме како обид за да бидеме замолчени и да го прифатиме само она што ни се нуди.Средношколскиот пленум се залага за сите средношколци и тој ќе стои на своето барање дека секој средношколец има право на избор на предмети кои ќе ги полага на државната матура.Исто така не смее да се занемари електронското тестирање за кое, од технички аспект нема услови односно нема доволна опременост со компјутери и самиот систем, доколку е истиот како оној систем како кај екстерното тестирање, е нестабилен и се јавуваат многу грешки кои несомнено не смееме да си ги дозволиме кај тест каков што е државната матура.Средношколскиот пленум не отстапува ниту од барањето екстерното тестирање да се стави во мирување.

6.Иако Унијата на Средношколци излегува во јавност истакнувајќи дека барањата на средношколците биле задоволени, сепак излезеноста на маршот организиран од Средношколскиот пленум(кој се случи ден после средбата на Унијата со МОН) не го покажува тоа.Средношколци се сите ученици од прва до четврта година и Средношколскиот пленум се залага колку за матурата толку и за екстерното тестирање.Самите средношколци покажаа дека преговорот кој Унијата го постигна со МОН не е преговор кој средношколците сакаат да се постигне.

7.Голем број од учениците реагираат на брзите промени на концептот за полагање на државна матура.Информации до самите ученици и до професорите стигаат многу касно што секако влијае врз успехот кој учениците би го постигнале на матурата.Конкретно, новиот концепт за полагање на државна матура стапи на сила на 09.02.2015 година.Постои голема веројатност вака донесените промени и реформи во образованието да имаат негативни последици врз успехот на учениците.Исто така да потсетиме дека во 2012 година кога за прв пат се полагаше екстерното тестирање, иако учениците беа известени дека оценките нема да влијаат врз успехот на ученикот, тие оцени сепак беа внесени во сведитествата.Ова е доказ дека покрај задоцнетото информирање, некои информации се невистинити(конкретно, станува за примерот со екстерното тестирање).

8.На последниот марш оддржан на 01.04.2015 година кажавме дека доколку не оствариме средба со раководството од МОН, ќе преземеме одредени мерки.Иако наши претставници влегоа во МОН, таму им беше соопштено дека и министерот и заменик министерот за образование се на состанок и затоа им беше даден број за контакт.Тој број не беше точен број, и иако се обидовме да стапиме во контакт со МОН преку бројот оставен на официјалната веб страна, сепак повторно не успавме.И се’ уште нема реакција од МОН.Секоја одлука на Средношколскиот пленум ја носат самите средношколци преку дискусии.Од понеделник ќе биде истакнато што точно ќе преземе Средношколскиот пленум како реакција на игнорантноста од страна на МОН на нашите барања и маршови.

9.Средношколскиот пленум јавно ја повика Унијата на Средношколците на јавна дебата со цел да се соочат аргументите и ставовите кои ги имаат двете страни и отворено да се дискутира за своите барања.Повторно ќе истакнеме дека организација која е формално- правно неактивна не може да се смета себеси за легитимен претставник на средношколците.Затоа ги повикуваме јавно да го искажат својот став и да го поткрепат со докази тоа што го изјавуваат во медиумите.

10.Како порака која би ја испратиле до надлежните е дека треба многу сериозно да ги сфати барањата на Средношколскиот пленум и средношколците бидејќи масовноста на Средношколскиот пленум се’ повеќе и повеќе се зголемува, а тоа говори многу за мислењето на средношколците за Средношколскиот пленум.Ние имаме право да бидеме слушнати од страна на МОН и тоа ќе до бараме постојано, се’ додека не го оствариме тоа право.Но, пред се’ МОН треба многу сериозно да ја сфати сериозноста од последиците од овие лоши и непромислени реформи, кои имаат многу големо влијание врз образованието на учениците, а со тоа и на идната работна сила во државата.