"Codefest 2015" - збирно место на идните програмери

Подготвил: Драгана Петрушевска

Универзитетот за информатички технологии „Свети Апостол Павле“ моментално е збирно место на генијалци од сите возрасти и со секакви искуства и позадини - студенти, средношколци, професионалци, директори, волонтери, новинари, дизајнери, фотографи и најмногу од сè, програмери. Причината е „Codefest 2015“.


„Codefest 2015“ е 32-часовен предизвик за реализација на идеја во областа на информатичката технологија. 25 тимови од средношколци или студенти дојдоа на предизвикот само со идеја - ништо повеќе. Оваа идеја треба да биде реализирана за 32 часови, од кои веќе помина дел.

Дел од предизвикот се и менторите, кои се тука да им помогнат на учесниците во реализацијата на идеите. Помошта доаѓа и од самите судии, кои на крајот ќе ги оценуваат проектите.

„Факултети.мк“ е медиумски партнер на настанот, но и судија во поглед на медиумската страна на идеите. Освен што пишуваме и фотографираме, работиме заедно со учесниците и им помагаме во осмислувањето промотивна кампања на нивните идеи откако ќе бидат готови. 


Сите идеи беа презентирани на самиот почеток. Фаворит немаме бидејќи сите идеи се неверојатни. Се чини дека експерти со години искуство работат на нив, не бруцоши или средношколци. Претчуствуваме одлични нови апликации и интернет-страници кои ќе го нападнат македонскиот пазар уште од понеделник. 


Повеќе фотографии погледнете во галеријата. За настанот може да читате и на „Твитер“.