Наставнички пленум: АПЕЛ до Господинот Адеми да ги повика средношколците на разговор

Наставнички пленум: АПЕЛ до Господинот Адеми да ги повика средношколците на разговор


Господине Адеми!

Образованието е вашата област на делување. Вие сте одговорен за сите случувања и турбуленции кои денес се случуваат пред очите на целата македонска јавност и пошироко. Криењето зад вашите претходници не е никакво оправдување, а уште помалку изговор за неприфаќање на одговорност и почеток на решавање на сите проблеми – и тоа од корен. Нам ни треба министер кој ќе умее да се справи со сите проблеми и на крајот да понуди соодветно и општо прифатливо решение од кое сите ќе бидат задоволни. Доста одиме на работа со претходно испиен дијазепам или какво и да е средство за смирување. Нели работата треба да не исполнува и да ни е задоволство (како што беше некогаш) за да постигнуваме успеси и да изградиме здрави интелектуалци!!

Нашата најголема сила, нашата иднина, нашата светлост и богатство – нашите деца се оставени на милост и немилост од страна на МОН. Жално е што веќе еден месец не наоѓате време од еден час во вашата „збиена“ агенда да ги удостоите нашите и ваши деца со разговор на кој, можеби, и ќе ги доближите ставовите или уште подобро, ќе пронајдете заеднички прифатливо решение на задоволство на сите. Не заборавајте дека средношколците сме сите ние. Тие се наши и ваши деца, наши и ваши ученици, наша и ваша иднина. „Иднината“ заслужува да биде сослушана заради добробит на заедничката иднина на сите чинители на општеството, за неговиот развој и на крајот за негов опстанок.

Ние, нивните наставници стоиме зад нив и нивните основани и аргументирани барања. Децата се умни глави кои знаат што е правилно, а што е лошо и погубно за нивната наобразба и светла иднина како граѓани во чии раце останува општеството. Тие посакуваат да можат успешно да се справат со сите предизвици кои ќе им се попречат на нивниот животен и работен пат. Да им дозволиме да ги исполнат своите соништа. Да не им го ускратуваме правото на здраво, моќно, цврто и квалитето образование кое ќе им ја трасира патеката на личната и колективна иднина. Тоа не засега сите! Тоа ве засега и Вас господине Министер!!
Направивте правилен потег што ги прифативте барањата на студентите и нивните професори. Сега имате можност истото да го направите и за средношкоците и нивните наставници. Ова е моментот кога избирате дали ќе бидете ХЕРОЈ или ПОГРЕБНИК на образованието во Р. Македонија. Вие избирате!!!

Со почит,
Наставнички пленум