Црвен крст со хуманитарен гест кон ромското население во Прилеп

Црвен крст со хуманитарен гест кон ромското население во Прилеп

Општинската организација на млади на Црвен крст - Прилеп вчеравечер со хуманитарен настан, кој има за цел да се помогне на одредена целна група од ромското население во Прилеп, го започна овогодинешниот ПХВ циклус за 2015 година. Хуманитарниот настан во Прилеп е само дел од низата вакви настани кои ќе се случуваат низ целата држава. Црвен крст на Република Македонија - општинска организација Прилеп во соработка со здружението РОМА С.О.С. од Прилеп ќе избери една целна група која ќе ги прими сите собрани средства од продажбата на сите карти, кои се продаваа по симболична цена.

 


Хуманитарниот настан се одржа во во спортската сала на С.О.У. „Ристе Ристески Ричко“, а додека Културно уметничкото друштво „ Мирче Ацев“ настапи пред публиката со сплет од македонски традиционални ора како што се Пуштено оро, Старо тиквешко, Тресеница како и сплет на повеќе машки и женски ора.   


 

Програмата Црвен крст во Акција- Промоција на Хумани Вредности (ЦКА-ПХВ) веќе 16  години претставува национална алатка за привлекување и задржување на волонтери во Црвениот крст. Истата се имплементира во сите Општински организации на Црвен крст и на годишно ниво обучува околу 1200 младинци, потенцијални волонтери во организацијата.
Младите добиваат обука за вредностите на Црвениот крст, учат за културата како систем од вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно опшество.


 

Младите во текот на овие обуки добиваат и практични знаења како да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата во којашто живеат, а при тоа се охрабрени да ги користат сопствените капацитети за изработка на проектите преку кои помагаат на ранливото население.
Во текот на цилкусот 2013/2014 обуката ја поминаа 1276 младинци, 1153 од нив изработија рекорден број на 210 мали проекти за добробит на заедниците во коишто живеат. Преку овие проекти тие помогнаа и поддржаа 4055 лица од различни ранливи категории, вложувајќи 30 838 волонтерски часови.

Имплементацијата на програмата Црвен крст во Акција- Промоција на Хумани Вредности  (ЦКА-ПХВ) оваа година беше овозможена со поддршка на Норвешка Амбасада од Србија.

Автор: Сунаи Сабриоски