Рецензија на книгата

Рецензија на книгата "Оркански височини" од Емили Бронте

Подготвил: Тамара Мисирлиевски

височини 

 

Иако можеби не може да се нарече првата готска новела, сепак оваа книга дефинитивно може да се каже дека е една од најпознатите. Оваа книга ќе му се допадне на секој читател што сака тешки и комплицирани личности, љубов осудена на пропаст, одмазда и паднати херои.


Книгата започнува со г-дин Локвуд кој изнајмил куќа во оддалечена област во Јоркшир, среде разбранети бури и ужасни ветрови. Локвуд одлучува да го посети Хитклиф, кој живее во куќата Оркански височини. Уште од почетокот на романот Хитклиф е прикажан како груб, лут и саркастичен. Локвуд е принуден да остане, и во текот на ноќта му се појавува визија на духот на Кетрин Линтон.

На тој начин тој започнува да ја отплеткува пајажината која го зафатила споменот на младата Кетрин, нејзината љубов кон дивиот Хитклиф, и секако трагедијата којашто ја обвиткала нивната судбина. Во првиот дел на книгата, се забележува бавна нарација со што писателката има доволно  време да ги развие ликовите и читателот да се запознае со нив.

Вториот дел од романот воглавно ги отсликува Кетрин и Хитклиф како деца - токму тука е суштината на романот и доказот дека Емили Бронте била вистински книжевен генијалец. Првата генерација на деца - Кетрин, нејзиниот брат Хиндли и Хитклиф имале мизерни животи. И Кетрин и Хиндли починале како казна поради нивните заведени страсти. Со тоа Хитклиф го наследува домот на Ерншоу како и грижата на синот на Хиндли, Харетон. Со киднапирањето на Кети, ќерката на Кетрин, Хитклиф успева да ја реализира неговата одмазда.

Желбата да се разбере Хитклиф како и неговите мотивации го држат читателот буден се` додека не ја прочита книгата. Меѓутоа ликот на Хитклиф одбива да биде сфатен, со што на читателите им е отежнато и тие не сочувствуваат со него. Емили Бронте постојано го „задева“ читателот со можноста Хитклиф да е нешто сосема друго отколку што изгледа и дека неговата суровост е само израз на фрустрираната љубов кон Кетрин или дека неговото злобно однесување служи за да го скрие неговото срце на романтичен херој; затоа што од ваквите романи очекуваме ваквиот лик да биде романтичен херој. Уште повеќе, ние читателите бараме од писателот да создаде ваков лик затоа што традиционално, херојите на романтичните книги обично се опасни и ладни на почеток, меѓутоа подоцна ја покажуваат нивната мека страна.

Сепак, Хитклиф не се преобразува и тој продолжува со неговата злоупотреба. Како и што самиот вели, злоупотребата која ја врши над Изабела е чисто садистичка. Тој се забавува самиот себеси со тоа колку тој може да изврши злоупотреба. Всушност, Емили Бронте истото го прави со читателот што Хитклиф го прави со Изабела тестирајќи да види колку пати читателот може да биде шокиран од ужасното насилство на Хитклиф но сепак, потајно гогледа како романтичен херој.

И покрај периодот во кој романот е пишуван, комбинацијата на страста и сложената форма на приказната прави „Оркански височини“ да е фаворит меѓу современите книжевни кругови. Теминината на приказната и недостатокот на моралот ги шокира многу читатели, како и сложеноста на цикличниот заговор - уништувањето и повторното обединување на семејствата. Роман кој комбинира маестрални литературни делови со сите скандали кои можат да се најдат во една сапуница, „Оркански височини“ е роман далеку пред своето време.