Интервју со амбасадорот на Кралството Шпанија:

Интервју со амбасадорот на Кралството Шпанија: "Шпанскиот јазик станува се` позначаен во светски рамки"



ИНТЕРВЈУ НА СТУДЕНТИ ПО ШПАНСКИ ЈАЗИК СО Н.Е. Г-ДИН РАМОН АБАРОА КАРАНСА АМБАСАДОР НА КРАЛСТВО ШПАНИЈА ВО Р.М ПО ПОВОД ДЕНОТ НА СЕРВАНТЕС!

23 април е еден од најважните датуми за шпанската култура со кој секоја година се искажува почит кон великанот на шпанската и светската книжевност, Дон Мигел де Сервантес Сааведра, и неговото капитално дело „Дон Кихот“. По тој повод, ние неколку студенти од прва година од групата за шпански јазик и книжевност имавме привилегија да ја посетиме Амбасадата на Кралство Шпанија во Скопје и со Амбасадорот на Кралство Шпанија во РМ, Н.Е. Г-динот Рамон Абароа Каранса, да поразговараме за образованието, важноста на странските јазици и секако, за Сервантес!

П: Амбасадоре, образованието секако мора да ни биде појдовна точка во овој разговор, може ли да ни кажете каде и што студиравте?
О: Завршив правни студии во Мадрид, но, во текот на мојот живот имав можност со моето семејство да престојувам во повеќе држави каде бев непосредно изложен на странските јазици и така научив англиски и француски јазик. Во Шпанија за да се стане дипломат треба да се помине низ долг процес од многу ригорозни тестови за државна администрација кои вклучуваат познавања од меѓународно, приватно и јавно право, како и тестови по четири јазици (шпански, француски, англиски и еден јазик по избор). Образованието на еден амбасадор е многу важно, бидејќи при извршувањето на оваа функција, амбасадорот не претставува одредена политичка партија, туку својата земја.

П: Како и каде ја започнавте вашата дипломатска кариера?
О: Мојата дипломатска кариера започна во 1996 година кога бев именуван за културен аташе во Амбасадата на Кралство Шпанија во Лондон (В. Британија), а имам работено и во Абу Даби (ОАЕ), во Мароко итн.

П: Нас како филолози не интересира важноста на познавањето странски јазици во светот на дипломатијата. Што мислите колку е важно да се знаат повеќе јазици?
О: Познавањето на јазици е многу значајно не само за комуникација во дипломатските кругови, туку и за секојдневната комуникација со луѓето и полесно наоѓање на работа. На пример, во компанијата АрцелорМиттал - Скопје се зборува шпански, англиски, француски и работат луѓе од сите страни на светот. Патем Њујорк е како Вавилонска кула, на едно место луѓе од различни култури и сите зборуваат на свој јазик.

П: Кој друг јазик би сакале да го научите, а досега не сте имале можност?
О: Македонскиот јазик се разбира (насмевка). Всушност мапата на ЕУ сé уште не е комплетирана. Кога ќе погледнете кон исток таа се протега до Романија и Бугарија, на југ до Кипар, но во средината има празнина и се надеваме дека набрзо таа празнина ќе се пополни. Кога Македонија ќе стане дел од ЕУ, македонскиот јазик ќе влезе во најголемиот центар за превед и толкување во светот. За работа во ГД за превод и толкување на ЕУ многу е важно да се има високо образование, кое не мора да биде од областа на филологијата, може и од правото, економијата и сл. Тоа што најмногу се цени е одлично познавање на што повеќе јазици, на пример, човек од татко Шпанец и мајка Латвијка кој живее во Лондон би бил совршен избор бидејќи би ги владеел течно шпанскиот, латвискиот и англискиот јазик.

П: Според Асоцијацијата на академии за шпански јазик: „шпанскиот јазик ќе биде најзборуваниот јазик до 2045 г. на американскиот континент.“ Што мислите, дали може тоа да се случи и во Европа?
О: Шпанскиот е еден од трите најзборувани јазици во светот (заедно со кинескиот и англискиот). Што се однесува до неговата положба во САД, тој повеќе не се поврзува само со имигрантите и работничката класа, него го зборуваат образовани личности и има кандидати за сенатори кои се испанисти. Во светски рамки шпанскиот јазик станува сé позначаен и навлегува во сé повеќе сфери како информатика, дипломатија итн. П: Утре е денот на Сервантес. Која е важноста на овој ден и колку тој допринесува за промоција на шпанскиот јазик и култура во светски рамки?
О: „Дон Кихот′′ е најважното дело од шпанската литература и овој ден е исклучително важен за сите Шпанци. Во Шпанија го прославуваме со непрекинато читање на целото дело во текот на 48 часа, сите 1.086 страници.

П: Дали и покрај обврските ви останува време да ги истражите природните убавини на Македонија?
О: Секако, до сега ги имам посетено Тетово и Крушево. Многу ми се допадна Крушево пред сé поради неговата архитектура, и планирам во скоро време да го посетам и градот Охрид и неговото прочуено езеро.

П: Имате ли веќе ваше омилено катче во Скопје?
О: Ми се допаѓа старата чаршија, Водно, парковите, тесните улички каде може да се открие нешто. Исто така, мислам дека има многу автентична архитектура која не е карактеристична за европските метрополи што се должи на земјотресот од 1963 година и брзината со која Скопје успеал повторно да се издигне.

П: За крај, што би им препорачале на студентите за да го подобрат познавањето на шпанскиот јазик?
О: Јазик најдобро се учи преку употреба, треба да се читаат книги, да се гледаат филмови, да се искористи секоја можност за патување во Шпанија или во земјите во кои се говори шпански јазик. За да не ги заборавам англискиот и францускиот јазик, јас гледам филмови на тие јазици, постојано слушам вести и читам весници, но сепак најбитно сметам е читањето на книги, затоа што тоа е најдобриот начин да се збогати вокабуларот.

Му се заблагодаривме на Н.Е. Г-дин Каранса за одвоеното време и го поканивме да нé посети кај нас дома, на факултет, а тој најавувајќи блиска средба нé испрати со истата љубезност со која нé пречека.

Студенти – новинари: Марија Вељковска, Сања Здравковиќ и Никола Спасовски
Наставник-уредник: Виш лектор м-р Наташа Алексоска