Следбеникот на најнапредниот вселенски телескоп во светот

Следбеникот на најнапредниот вселенски телескоп во светот

Подготвил: Драгана Петрушевска

Се претпоставува дека телескопот „Хабл“ ќе продолжи да испраќа податоци и фотографии уште најмалку пет години. Инаку, неделава ја прославивме 25-годишнината од работата на овој телескоп. Меѓутоа, што ќе правиме откако телескопот престане да работи? Не грижете се. НАСА има план.


До 2018 година, вселенската агенција се надева дека на пат ќе го испрати телескопот „Џејмс Веб“. Овој нов инструмент е создаден за да „гледа“ подалеку во вселената од било кој друг вселенски телескоп создаден досега.

„Очекувам телескопот да има сличен ефект на астрономијата како и Хабл. Ќе биде многу помоќен и мислам дека повторно ќе создаде револуција во нашето разбирање на универзумот“, изјави астрономот Амбер Страух од НАСА.

Научниците сметаат дека телескопот „Џејмс Веб“ ќе собира уште повеќе податоци од „Хабл“ за првите галаксии кои се појавиле на почетокот на универзумот. Телескопот е способен за снимање инфрацрвени зраци, со што вселенскиот прав нема да му пречи. Телескопот ќе ги истражува галаксиите подетално.

Новиот вселенски телескоп е создаден и за да им помогне на научниците кои се во потрага по вонземски живот и планети кои наликуваат на Земјата. Карактеристиката за гледање инфрацрвена светлина на телескопот е битна во потрагата на вонземски живот бидејќи голем дел од елементите кои научниците се надеваат дека би ги пронашле во други светови најдобро се гледа на инфрацрвена светлина.



Истражувачите посочуваат кон можноста за гледање на истите вселенски феномени со различни бранови должини - оние кои ги снима „Хабл“ и оние кои ќе ги снима „Џејмс Веб“.

Меѓутоа, „Џејмс Веб“ веројатно нема да трае толку долго како „Хабл“ бидејќи тој ќе биде сместен подалеку од Земјата, што го прави одржувањето и поправањето невозможно. Од друга страна, „Хабл“ се наоѓа во орбитата, и астронаутите редовно имаат мисии за негово одржување.

Проектот за создавање и испраќање на „Џејмс Веб“ во вселената чини 8,8 милијарди долари. „Хабл“ чинел 1,5 милијарда долари кога бил испратен, но целосната цена на одржувањето и создавањето по 25 години чинела приближно 10 милијарди долари.