Интервју со Јована Мисирлиевски, студентка која беше дел од програмата за студенти

Интервју со Јована Мисирлиевски, студентка која беше дел од програмата за студенти "Базилеус V"

Јована Мисирлиевски е студент на магистерски студии на Правниот факултет при Универзитетот „Св.Климент Охридски“која беше дел од програмата за размена на студенти „Базилеус V“, во рамките на Еразмус Мундус, финансирана од Европската Комисија. Јована 6 месеци студираше во Словенија, на факултетот во Љубљана такашто таа го споделува искуството кое го стекна со програмата и студирањето таму.

 

интервју


Факултети: Најпрво, дали би можела да ни објасниш за каков вид на програма станува збор

Јована: Станува збор за програма за размена на студенти Базилеус V која е во рамките на Еразмус Мундус (action 2) и е финансирана од Европската Комисија. Вкупно може да се аплицира на 10 универзитети во држави членки Европска Унија и на 10 универзитети во државите на Западен Балкан. Програмата нуди стипендија, покриени се патните трошоци и здравствено осигурување. Наменета е за сите студенти на додипломски, постдипломски и докторски студии кои се запишани на еден од универзитетите партнери на програмата. Јас конкретно ја одбрав Словенија, за да можам таму да одам на размена, Универзитетот во Словенија мора да има потпишано договор со универзитетот во Македонија. Студентот кој оди на размена, привремено (1 семестар минимум, 1 академска година максимум) живее и студира во странска држава. При аплицирање секој студент потпишува договор за студирање со домашниот универзитет, а ако студентот е примен тогаш тој договор го потпишува и универзитетот каде ќе се одвива размената. Со овој договор домашниот универзитет се обврзува да ги признае предметите кои студентот одбрал да ги изучува и ги положил за време на својата размена. Значи со оваа програма студентот не се стекнува со диплома, предавањата и полагањата се во друга држава, но дипломата е од домашниот универзитет.

2


Факултети: Дали си задоволна од она што го нуди програмата?

Јована: За програмата немам буквално никаква забелешка или негативна критика. Целата организација е осмислена да го подобри квалитетот на студирање кај еден студент. Предавањата и полагањата се на англиски јазик, со доволно разбирање од страна на професорите дека колку и да е добро познавањето на англискиот јазик, сепак за студентот не е мајчин јазик. Со луѓето од програмата бевме во постојан контакт, со совети за полесно прилагодување.

Факултети: Како ти се допадна студентскиот живот во Љубљана и воопшто во Словенија?

Јована: Не можам да зборувам во името на сите студенти во Словенија, но можам да зборувам за оние кои беа таму на размена како дел од оваа програма. Студентите на размена поинаку го доживуваат целото искуство. Сепак и самата цел на програмата покрај студирањето е и запознавање со културата и начинот на живеење и студирање во друга држава. Во Словенија бев краток период, еден семестар, односно 6 месеци, но она што директно го почувствував на своја кожа е статусот кој еден студент го има во општеството. Се почувствував како вистински студент и бев третирана како таков. Во 6 месеци студирање во Љубљана добив поволности кои во Македонија не ги добив во текот на моето 4 годишно студирање. На почеток ме шокираше отвореноста за соработка на професорите и сите вработени на факултетот. Има студентски организации кои заедно со вработените на универзитетот и факултетот го прават животот на студентите кои се на размена полесен. Посебно е интересен системот на студентска исхрана, каде секој студент се регистрира и има попусти во повеќето ресторани, владата субвенционира дел од сумата која, остатокот го плаќа студентот, со што им се нуди на студентите олеснување на трошоците кон студирањето. Секој студент кој е на размена, може да аплицира за ментор, кој живее и студира во Словенија и задачата на менторот е да го олесни животот и самиот процес на адаптирање во друга држава.

 

12


Факултети: Која е разликата меѓу образовниот систем во Словенија и нашиот во Македонија?

Јована: Огромна! Секој студент во Македонија би се согласил дека немаме никакви права како студенти тука, дека не сме почитувани и дека сето тоа свесно или несвесно влијае на нашето оформување како личности. Се разбира дека имаме квалитетен кадар на професори тука во Македонија, но се многу ретки и самите тие не можат да им помогнат на сите студенти.  Како студент во Македонија, на моите додипломски студии се соочував со сите проблеми и пропусти на образовниот систем тука кои секој студент ги има.  Најпрво се трошоците околу целото образование, свесни сме дека покрај партиципацијата, плаќаме за други крајно непотребни работи. Во Словенија образованието е бесплатно. Дури да заминам во Словенија некако се имав помирено со сите пропусти на образовниот систем во Македонија, едноставно бев навикната. Не мислев дека можам нешто да променам ниту пак самата држава ме направила да се осетам како вистински студент кој може нешто да промени на подобро. Во Словенија образовниот систем функционира сосема нормално и правилно, на кое јас не бев навикната, и можеби од таму ми е целата фасцинираност кон Словенија. Нема адиминистративни пропусти по факултетите и има многу добра соработка меѓу студентите, професорите и администрацијата на факултетите.

Факултети: Што те привлече да се запишиш на оваа програма и зошто би им ја препорачала програмата на студентите во Македонија?

Јована: Она што ме привлече кај програмата е мобилноста што ја нуди. Кога аплицирав веќе бев запишана на постдипломски студии тука во Македонија, а тоа беше еден и од условот за аплицирање.  Воглавно беше единствена програма која нуди толку висока стипендија, бидејќи во однос на финансирање студент во странство, сме хендикепирани. Исто така е една од програмите која што гарантира признавање на предмети по завршување на студирањето во странство.

3


Факултети: Какво е чувството да се студира со студенти од целиот свет?

Јована: Бевме студенти од цела Европа, но имаше и од Кина и од Австралија. Целото искуство е поинакво благодарение на различноста на култури. Слободното време го искористивме за патувања во Словенија и другите држави. Дел од патувањата ги организиравме сами, а дел од нив ги организираа студентските организации, кои нудеа големи попусти на групни патувања. Имаше исто така патувања организирани од факултетот во склоп со наставата. Бевме како семејство, некои од нас и живеевме заедно. Во секој момент си бевме поддршка едни на други. Она што најмногу ме воодушеви што немаше никакви стереотипи меѓу нас, а за таков краток период создадовме неверојатна блискост меѓу нас.

Факултети: Што планираш за понатаму?

Јована: Засега планирам да ги довршам постдипломските студии на правниот факултет во Битола, а потоа пракса и правосуден испит. искрено се надевам дека во Македонија се цени студирањето надвор кога станува збор за вработување, но кој знае...

Факултети: Кој би бил твојот совет за студентите?

Јована: Препорачувам секој студент да ги искористи програмите за стипендирање и мобилност чисто за една ментална хигиена.