Средношколците ја продолжуваат битката заедно со родителите и професорите

Средношколците ја продолжуваат битката заедно со родителите и професорите

Подготвил: Драгана Петрушевска

Во 17:00, денес средношколците заедно со своите родители и професори се собраа на протест пред Министерството за образование и наука и повторно ги повикаа властите да ги продолжат преговорите со нив.



„Денешниот протест е со одредена симболика, тоа е оставањето на ученичките информи пред министерството. Со тоа покажуваме дека немаме страв и остануваме доследни и цврсти во она што сакаме да го направиме, а тоа е да го подобриме образованието во Македонија. Останува на нив да не повикаат“, изјави Александар Милевски од Средношколскиот пленум.

Средношколците ги оставија своите униформи пред зградата на Министерството. Покрај униформите оставија и црни кеси со кои симболично покажаа дека „реформите се ѓубре“.

Средношколците повеќепати изјавија дека продолжуваат со бојкотот на наставата и средношколскиот фронт пред МОН сè додека не се исполнат нивните барања, односно целосно враќање на старата државна матура и промена во концептот на екстерното тестирање, што беше одбиено од страна на владата. Овој протест беше само еден од двата најавени за денешниот ден.

Имено, вториот протест, закажан за 20:00 пред Владата беше откажан од безбедносни причини. Згора на тоа, Средношколскиот пленум официјално се оградува од сите протести што не се директно поврзани со лошите реформи во образованието.

„Почитувани, ве известуваме дека Средношколскиот Пленум се оградува од било кои протести кои што не се директно поврзани со лошите реформи во образованието. Доколку воочите знаме или било каков транспарент поврзан со Средношколскиот Пленум на наведените протести бидете свесни дека тоа е само еден вид на манипулација. Средношколскиот Пленум останува на ‪#‎СредношколскиФронт‬“, објавија тие на „Фејсбук“.