Британските студенти за окупацијата на својот факултет

Британските студенти за окупацијата на својот факултет

Подготвил: Драгана Петрушевска

Студентите од Лондонскиот факултет по економија во последните два месеци го окупираа својот факултет. Нивните барања беа поврзани со бесплатното образование, правата на вработените, универзитетската демократија и слободата на кампусот. Девет од нивните барања биле прифатени по петчасовно преговарање со одговорните лица.


Окупацијата заврши ноќта на 30 април. Окупацијата беше мерка која студентите ја преземаа откако универзитетот се закани со легално дејствување против нив и отпишување на вклучените студенти од факултетот. Сепак, на крајот на окупацијата било договорено дека факултетот нема да ги преземе овие мерки.

По окупацијата, сите предавања на факултетот стануваат отворени за јавноста, се подготвуваат промени во договорите на флексибилни работни часови и се отвара простор за автономна зона и политички дискусии на факултетот.

- Сигурно може да кажеме дека направивме промена на нашиот универзитет. Но, окупиравме за да се ослободиме од чувството на длабоко политичко оддалечување и безмоќност на студентите, велат студентите.

Чувството на безмоќност и изолираност на студентите претставува тренд помеѓу младите луѓе бидејќи тие чувствуваат конкуренција помеѓу себе, борејќи се за истите работни места и плашејќи се од преземањето ризици.


Зошто окупација?

- Окупацијата не е само заклучување во соба и барање позитивен одговор на крајот. Прогласувањето на просториите како наши беше клучно, велат студентите.

Според нив, наводната апатичност кај младите е стереотип. Тие не се апатични, ами изолирани, а ова го покажува окупацијата. Стотици студенти станаа дел од поголемиот глас кој е загрижен за водењето на нивниот факултет. За време на окупацијата, биле организирани отворени дискусии и предавања во врска со движењето во кои учествувале студенти, професори и вработени. Ова создало атмосфера на заедничко учење и политичка моќ.

- Покажавме дека окупациите функционираат и студентите мора да се изразат. Така треба да изгледа образованието, а тоа е нешто што моменталниот образовен систем не може да го обезбеди. Мора да биде креативно, активистичко, имагинативно, отворено и универзитетите треба да бидат места за критички дискусии за општеството, велат студентите.

Студентите од Лондонскиот факултет не се единствени. Нашите студенти претходно постигнаа сличен ефект и предизвикаа слична атмосфера на универзитетите, но и пошироко во образованието.