Светскиот кибернетичар Кевин Ворик - почесен професор на УКИМ

Светскиот кибернетичар Кевин Ворик - почесен професор на УКИМ

Светски познатиот научник и професор по кибернетика, д-р Кевин Ворик (Kevin Warwick), од вчера, е почесен доктор на науки (Doctor Honoris Causae) и на нашиот Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Звањето почесен доктор, Ворик го добива по повод одбележување на Денот на македонските просветители, Светите Кирил и Методиј (24 мај).



„Кибернетиката е наука за хармоничноста во работата меѓу луѓето и технологијата и самиот факт што ова се смета за многу важно  тука, значи на Универзитетот и градот Скопје заземаат многу важно место во моето срце, а сигурен сум дека и во вашите. Истражувањата понекогаш носат подеми, но и понекогаш и падови. Важно е да се учи од грешките, бидејќи само на тој начин може повеќе да се ужива во успехот“, рече професор Ворик во своето обраќање по прогласувањето за почесен доктор на науки.

Професор Ворик за избор во почесен доктор е предложен од наставно-научниот совет на Факулетот за електротехника и информациски технологии од Скопје. Неговиот придонес во научните и технолошките откритија е огромен.




Дел од придонесот на професор Ворик во науката

„Проф. д-р Кевин Ворик се предлага за почесен доктор на Универизтетот “Св. Кирил и Методиј” врз основа на подолу наведените фундементални научни и технолошки придонеси:

Фундаментални придонеси во техничката кибернетика во областа на роботиката, а на подрачјето за теориска анализа, проектирање и експериментално потврдување на кибернетска симбиоза човек-машина во творбата “Cyborg” или “Човеко-робот”;  Фундаментални придонеси во науката за вештачка интелигенција во областа на динамичките невронски мрежи, а во подрачјата за моделирање на системи, за обработка на сигнали и за одлучување и управување; Фундаментални придонеси во науката за системи и управување во областа на автоматски управувачки системи, а на подрачјето на самонагодувачки регулатори и сигнални филтри;  Оригинални и први целосно успешни експерименти во светот за надворешно-сензорски влезен сигнал во човек, преку неврохируршка имплантација на минијатурен електронски уред во медиан-нервите на неговата лева рака, за чисто електоронска комуникација помеѓу нервните системи на два човека; Оригинални пионерски екперименти за поврзување на неговиот нервен систем, преку неврохируршка имплантација на минијатурен електронски уред во медиан-нервите на неговата лева рака, директно со програмирано подготвен компјутер за да ги испита најновите технологии за помош на хедникепирани лица со намалени физички можности; Оргигинални придонеси во научните аспекти и технологијата на биомедицински стимулатори на мозокот и за третирање на Паркинсоновата болест; Оригинални придонеси кон технологијата на компјутерски темелени електронски импланти за комуникација на човеков мозок со робот-машина во “Човеко-робот” или “Робото-човек” системи, Оригинални придонеси кон филозофските аспекти на роботиката во контекстот “Човеко-робот” и “Робото-човек” односно роботи со биолошки мозок и човек со мисловно-спрегнат робот и Оригинални придонеси кон етичките аспекти на роботиката во контекстот “Човеко-робот” и “Робото-човек” односно роботи со биолошки мозок и човек со мисловно-спрегнат робот“, е напишано во предлог-номинацијата од страна на ФЕИТ до Универзитетот.

Кратка биографија за Кевин Ворик

Кевин Ворик е роден во 1954 година во Ковенри, Англија. По завршување на основното и вишото училиште, на 16 годишна возраст, се вработува во Бритиш Телеком. По неколку годишна пракса како електроинженер по телекомуникации, го продолжува своето образвоание на Универзитетот во Астон, каде ја добива својата прва универзитетска диплома по електротехника и електроника. Набргу потоа, станува докторанд-истражувач на Универзитетот „Империјал Колеџ“ во Лондон, а во 1982 година  одбранил докторат. Во 1987 година (на 33 годишна возраст) станува редовен професор на Универзитетот во Рединг, каде осум години бил раководител на Департмантот по кибернетика, а бил и Декан на Школата по инженерство и информациски науки. Вршел и други функции, како директор на Универзитетски центар за пренос на технологија, визитинг-професор на неколку универзитети и институти.

Професор Ворик, двапати, се здобива со докторат од повисок ранг (DSc) од Универзитетот „Имперајален Колеџ“ во Лондон и од Академијата на науки (Институт по техничка кибернетика) во Прага, Чешка. Во Велика Британија трипати е награден со звањето почесен доктор на науки од Универзитите Брадфорд, Ковентри и Астон.

Доктор Ворик го добил престижното признание “Ellison-Cliffe Medal” на Кралското друштво по медицина во Лондон, престижното признание “Mountbatten Medal”  од име на Институтцијата по инженерество и технологија и Кралскта академија на инжинерските науки во Лондон (The IET and the Royal Academy of Engineering). Во 2004 година е награден со признанието “The Future of Health Technology Award” од Институтот по технологија од Масачусетс, САД, а истата година го добива и британското признание “The IEE Achievement Medal” од Институцијата по инженерство и технологија. Во 2005 година е избран за Почесен член на Академијата на науки на Санкт Петерсбург, Русија, а е награден и со признанието “University of Malta Medal” од Институтот “Edward De Bono”.

Неговата импресивна биографија продолжува со многу сериозен и огромен придонес во сферата на кибернетиката. Овој светски познат професор дава огромен придонес и во развојот и соработката со Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, посебно на Институтот по автоматика и системско инженерство.