НАПАГ и КОУЗОН го доделија ваучерот за бесплатен Work&Travel во USA

НАПАГ и КОУЗОН го доделија ваучерот за бесплатен Work&Travel во USA



Во просториите на Коузон во Скопје, генералниот директор на Коузон, Зоран Кочоски и претседателот на НАПАГ, Виктор Ѓорѓиески на свечен настан му доделија ваучер за бесплатно учество во овогодинешната Work&Travel програма во USA на членот на НАПАГ од генерацијата 2014, Давор Данилоски од Битола. Давор е студент на Техничко-технолошкиот факултет во Велес, на насоката нутриционизам во Битола и од денес е во една од најатрактивните светски туристички дестинации, Чикаго, каде ќе има можност во наредните 4 месеци преку многу патување, дружење и работа да се запознае со америчката култура, стекне нови пријателства, доусоврши англискиот јазик и да го пренесе своето искуство назад во Македонија.

„Пред се би сакал да искажам огромна благодарност до Коузон за можноста која ми ја пружија да бидам еден од илјадниците студенти кои имале шанса да ги користат нивните услуги, а посебно за нивниот љубезен пристап и професионалност за време на целиот процес на моето учество во програмата. Благодарност до сите вработни кои посветено ми асистираа при подготовка на сите документи, вклучително и во процесот на апликацијата за виза. Исто така, огромна благодарност и до НАПАГ, како асоцијација која беше иницијатор и организатор на натпреварот, каде мојот есеј беше пргласен за најдобар“, истакна добитникот на ваучерот, Давор Даниловски.

За време на настанот, во знак на благодарност, претседателот на НАПАГ му врачи благодарница на директорот на Коузон и се осврна на задоволството од одличната меѓусебна соработка, за која и двајцата изразија спремност со уште позасилено темпо да продолжи и во иднина.

За потсетување, на почетокот на годината, Националната асоцијација на престижни академски граѓани (НАПАГ) го организираше „Натпреварот за најдобар есеј 2014“ на тема „Kако да се намали „одливот на мозоци“ од Република Македонија?“, на кој на победникот  му се покриваат трошоците за Work&Travel 2015 програмата во Соединетите Американски Држави под покровителство на Коузон. Право на учество имаа само членовите на НАПАГ со статус целосно членство, при што од големиот број поднесени есеи, од страна на жирито, за победник беше прогласен оној на Давор Данилоски, со што, тој доби шанса за искористување на ваучерот од страна на Коузон за овогодинешната Work&Travel програма во САД.