Почина Драган Каранфиловски - Бојс

Почина Драган Каранфиловски - Бојс



Денеска почина Драган Каранфиловски-Бојс, кантавтор и творец на евергрините – „Опасно сум вљубен во тебе“, „Бели нарциси“, „Валерија“, „За мене најдобра“, „Лулај ме нежно“, „Зелен шал“, „Парижанка“, „Весела романтика“, „Афричко лето“.

Драган Каранфиловски - Бојс ја започнал музичката кариера во 1973 година, формирајќи ја музичката група "Македонија". Најголемите успеси како автор ги постигнал како член на култната битолска група "Мадригали", подоцна преименувана во "Трн во око". Со овие две групи, тој ги снимил своите најпознати рок песни, а на гитаријадата во Заечар, во 1977 година, со групата "Мадригали" ја освоил првата награда од публиката и првата награда од музичкото списание "Џубокс".



Подоцна, Драган Каранфиловски - Бојс започнал успешна кариера како кантавтор, пишувајќи поп песни и песни за деца. Од неговите песни, најпознати се: "Опасно сум вљубен во тебе", "Валерија", "Лулај ме нежно", "Парижанка", "Весела романтика", "Афричко лето" и многу други детски песни отпеани на Златно Славејче, СиДо и тн. кои што го дефинираа жанрот во Македонија ("Наташа од 3то 3", "Ало Амбуланта", "Марија од Бундеви", "Песна за Ана" и многу други).

Исто така, тој е автор на бројни хитови кои ги пееле други пејачи, како што се: "Јануарска ноќ", во изведба на Зафир Хаџиманов, "На минус 23", испеана од Трајче Манев, "Искро моја" на Игор Џамбазов, "Заведи ме", во изведба на неговата ќерка Верица каранфиловска итн. Тој е автор и на рефренот на песната "100% те љубам" на групата "XXL", која во 2000 година ја претставувала Македонија на Евросонг. Најпосле, Драган Каранфиловски - Бојс има компонирано музика за неколку тв-серии.

Како признание на неговото долгогодишно творештво, во 2014 година, Драган Каранфиловски - Бојс ја доби наградата на манифестацијата "Златна бубамара" за животно дело.