Милион долари за најдобриот професор во светот

Милион долари за најдобриот професор во светот

Подготвил: Драгана Петрушевска

Професорите и наставниците на јавните и приватните училишта, од градинка до крајот на средно образование, може да се пријават на конкурсот за најдобар професор во светот.


Пријавувањето трае од 29 мај до 10 октомври, а истото се врши со пополнување на формулар ОВДЕ.

Конкурсот е организиран од страна на фондацијата „Варки“, а се одржува веќе втора година по ред. Може да се пријавуваат професори и наставници од целиот свет. Помеѓу критериумите кои треба да бидат исполнети се користење иновативни и ефикасни педагошки методи, потврда од ученици, колеги и членови на заедницата за постигнување резултати, учество на јавни дебати за работата и образованието итн.

Фондацијата е основана од индиското семејство Варки кое во текот на 1950-те години се преселило во Соединетите Арапски Емирати, каде се збогатило со отворање мрежа на приватни училишта. Семејството денес поседува повеќе десетици училишта од 70 земји, а нивната фондација обезбедува стипендии и образува наставен кадар во Африка.

Победник на минатогодишниот натпревар била Американката Ненси Атвел, која се издвоила од останатите благодарејќи на нејзините иновативни методи за читање и изразување. Наградата ја подарила на своето училиште.