Интервју со Деспина Синдилиева, македонска студентка во Рим

Интервју со Деспина Синдилиева, македонска студентка во Рим

Подготвил: Драгана Петрушевска

Животот во Рим е брз, но Деспина Синдилиева не би го заменила за ништо на светот. Таа е студент на универзитетот „John Cabot“, кој работи според американски систем на студии. Разликите во студиите овде и таму не се единствените на кои наишла Деспина во текот на животот таму. Прочитајте повеќе за нејзиното искуство во продолжение.


Ф: Зошто се одлучи да студираш надвор од земјата?

Деспина: Можеби ќе звучи како „клише”, но откако паметам за себе знам дека не сакам да го поминам целиот живот на едно место. Една од најголемите причини што ме донесе до одлуката да студирам надвор од Македонија е тоа што сакав да станам независна (во секоја смисла на зборот), но исто така од секогаш сум сакала предизвици, па студирањето во странство ми делуваше како предизвик. Едноставно кажано, сакав да искусам нешто ново и да ги проширам своите видици.

Ф: Која е најголемата разлика меѓу студирањето тука и таму?

Деспина: Во разговори со моите пријатели и соученици кои што студираат во Скопје (или генерално во Македонија), можам да кажам дека се работи за два различни системи на образование. Можеби така мислам, бидејќи универзитетот на кој што студирам поддржува американски систем. Која и да е причината, според мене е многу подобро на универзитетот каде што студирам бидејќи предавањата се одржуваат во полами групи, професорите (претежно) ги запознаваат своите студенти индивидуално, а со тоа и секој од студентите има голема помош и поддршка од своите професори, за разлика од таму мислам дека нашиот систем на образование не им го овозможува истото на нашите студенти.


Ф: Најдобрата работа која си ја научила откако студираш таму?

Деспина: Како што спомнав и претходно, успеав да станам понезависна. Научив многу работи, почнувајќи од тоа како да си го организирам времето до воспоставување на контакти и секако најважното, усовршување на моето знаење на јазици (поточно англиски и италијански).

Ф: Кои се најголемите потешкотии со кои се соочи досега?

Деспина: Како индивидуа што потекнува од Балканот, сум била научена на тоа родителите да ми помогаат и завршиваат дел од моите обврски. Спремање документи, вадење дозвола за престој па дури и домашните обврски ми делуваа многу потешко од како живеам сама, а поготово пак кога треба да сум фокусирана на учење и работа. Меѓутоа, се станува навика, а и брзо се учи. На страна од тоа, искрено не би рекла дека се соочив со некои тешкотии, напротив ми се допаѓа новиот начин на живот.

Ф: Кое е најдоброто искуство кое го имаше?

Деспина: Искрено, тешко е да одберам. Покрај запознавањето на нови луѓе, живеењето во Рим, искусувањето на нова култура и имајќи го задоволството да работам и студирам покрај толку искусни и успешни луѓе, тешко е да изберам едно искуство. Покрај се, најмногу сум импресионирана од една личност, а тоа е мојот академски советник (Francesco Ruscitti). Тој е првата личност што ја запознав моментот одкако се преселив таму. Секогаш кога сум имала проблем или некаково прашање, тој како мој советник бил тука за да ме советува и насочи кон правото решение. Запознавајќи го него, согледав и науив како да си го организирам времето, да се поставам професионално и да учам од своите гречки. Ова е еден од неколкуте примери што би можела да ги спомнам.


Ф: Каков е животот таму?

Деспина: Брз и интересен, понекогаш напорен, но на мене ми носи големо задоволство и секој ден се стекнувам со ново искуство. Би сакала да стекнам искуство живеејќи и во други градови/држави, но искуството што го имам од моето живеење во Рим не би го заменила за ништо.

Ф: Која е твојата порака до студентите кои студираат надвор од родната земја?

Деспина: Би кажала дека се храбри и би им посакала многу среќа. Оние што си го имаат замислено животот надвор од својата држава имаат одредена причина, бидејќи не е лесно да се донесе таа одлука, а оние кои веќе имаат створено живот надвор од својата држава, верувам дека успеале многу, бидејќи не е лесно да се почне живот на место каде што сите се непознати и се функционира различно. Покрај тоа, верувам дека повеќето од нив би се сложиле дека имаме нешто заедничко, а тоа е дека на жалост секој од нас што створил живот надвор од нашата држава не би се вратил бидејќи тука не би ги имале истите можности за достигнување на саканиот успех.