За исчезнатото село Бислим кај Куманово

За исчезнатото село Бислим кај Куманово

Подготвил: Филип Ѓошевски / iGeo


 
Бислим била мала претежно сточарска населба. Се наоѓала на варовничка подлога на надморска височина од околу 350 м помеѓу соседните села Пчиња на југ и Доброшане на север, од десната страна на реката Пчиња. Бислим било мало македонско село. Имало посебен атар со големи пасишта, мали ниви и шума. Во пописот на населените места од Нагоричка нахија е заведен како Бисли. Според пописниот дефтер од 1519 година селото бројало 11 христијански семејства и 4 неженети, а пак 1573 година 11 христијански семејства и 6 неженети. Во дефтерот е наведено дека жителите на оваа село ги напуштиле своите места и се преселиле во селото Градец.

Јован Хаџи Васиљевиќ кој вршел теренски истражувања во кумановската област при крајот на XIX и почетокот на XX век забележал дека селото припаѓало на потомците на некој кумановски бег, Бислим-бег, кој тој го населил и му го дал своето име. По преданието, Бислим бег бил еден од првите и најстари бегови во Куманово. Селото Бислим до почетокот на XIX век било „мезлеско“ село. Во почетокот на XIX век, чифчиите христијани започнале да се одкупуваат од своите господари и околу 1840 година, сета земја ја откупиле и сите станале рајети-сопственици на земјата. Целото село постанало рајетско. Така тоа било се до 70-тите години на XIX век, кога населението на Бислим почнало да трпи големи зулуми, особено од Арбанасите-мухаџири. Тие арбанаси се населиле 1878 година во некои околни села бегајќи од српската војска од околината на Сурдулица, (Врањска област) и почнале да ги убиваат христијаните. Поради тоа од споменатите зулуми кои ги вршеле арбанасите, сите селани (18 домаќинства) од стариот Бислим се иселиле во Пчиња, Доброшане, Куманово и некои други скопски и кумановски села. При самиот крај на XIX век и три арнаутски семејства се населиле во Бислим и почнале да живеат и работат во него, каде што потполно се одомаќиниле од насилно одземениот имот.



Од Бислим во селото Пчиња се иселиле родовите Анѓелови и Баратлици. Од првиот род потоа имало 11, а од вториот 4 домаќинства. Старото родовско презиме на Анѓелови во Бислим било Сечеви. Во кумановското село Доброшане во 1879 година се иселиле Сарафинци (2 домаќинства) и Домазетски (4 домаќинства). Во Куманово живее македонски род Бислимоски и т.н.

Населението во Бислим главно живеело од сточарство, помалку од земјоделство. По раселувањето на селото, земјиштето на Бислим припаднало на соседното село Доброшане. На местото каде во минатото се наоѓало селото има неколку ниви. Остатоци од куќи на површината на земјата не се сочувани. Според Васил К’нчов во 1900 година во Бислим живееле 40 жители сите Македонци. Селото Бислим се раселило веројатно по 1900 година. Во изчезнатото селото Бислим, еден локалитет носи име Серафимова дупка, по таткото на некој си селанец Илија, кој живеел во селото Доброшане, а кој потекнувал од Бислим. Таткото на Илија во Бислим имал околу 160 кози и 150 овци.

Бислим и Доброшане до 1879 година имале заеднички гробишта кои се наоѓале на граница на нивните атари. Таму сега се наоѓаат гробиштата само на селото Доброшане. Местото Крст во минатото припаѓало на селото Бислим. Таму и сега постои еден камен крст. Населението на Бислим кај тој крст се собирало за Митровден. Во поново време откако било раселено селото, некои стари селани од селото Доброшане го посетувале овој крст, „спроти Митровден“ каде палеле свеќи.

Според ова изчезнато село, е името и на Бислимска клисура на реката Пчиња која се наоѓа во непосредна близина.

Литература:
Ј.Х. Васиљевић (1909) – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца, стр.141, Београд.
J. F. Trifunoski (1967) – Raseljena sela u Skopskoj kotlini, Zbornik za narodni život i običaje Južnih Slavena, Knj. 43, str. 607, Zagreb.
Ј. Ф. Трифуноски (1974) – Кумановска област, стр. 75

Подготвил: Филип Ѓошевски – Дипломиран географ / iGeo