Седум причини зошто ТМФ

Седум причини зошто ТМФ

Вашата иднина е Ваша одлука и зависи само од Вашата посветеност, свесност и упорност. Она што Ви го ветува овој факултет е образование на високо, стручно ниво кое ќе ве понесе на вистинскиот пат во насоката која вие самите ќе ја определите.

Со цел подобрување на самата работа и усовршување во самото образование, како и комфорт во практичната и теоретската настава на самите студенти, факлултетот нуди работа во современи училници и лаборатории. А преку платените летни пракси во најуспешните македонски компании, студентите ќе имаат можност да се стекнат со практично знаење како важен дел за понатамошно усовршување во изборот на нивната кариера.

Седум насоки, седум причини зошто ТМФ е вистинскиот избор.

1. Инженерство на материјали и нано технологии


Во рамките на активностите за модернизирање на студиските програми, Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје, од септември 2013 год. нуди нова студиска програма ИНЖЕНЕРСТВО НА МАТЕРИЈАЛИ И НАНОТЕХНОЛОГИИ. Оваа студиска програма ги покрива како материјалите во постоечките производни капацитети и индустрии, така и оние кои се произведуваат во новите високо-технолошки фабрики кои се дел од новите инвестиции што доагаат во државата.

Големата заинтересираност на младите средношколци за новите теми кои ги нуди оваа програма (изразена преку републичкиот наптревар организиран од ТМФ под покровителство на МОН) само потврдува дека откривањето на светот на нанотехнологиите и наноматеријалите е голем предизвик за нив. Оваа насока ќе овозможи развивање на имагинацијата на младите инженери за нови примени на наноматеријалите. Уште еднаш младите покажуваат дека добрата мотивација од светски актуелни и иновативни подрачја е неопходна за да се разбуди нивната љубопитност и креативност, и вредно се зафатат во исполнувањето на своите идеи.

Технолошко-металуршки факултет со оваа насока за Инженерство на материјали и Нанотехнологии ги нуди сите можности и за стекнување на неопходните вештини и квалитети од областа на менаџментот и информатиката кои еден модерен инженер/дизајнер и менаџер треба да ги поседува. Оваа студиска програма ги подготвува студентите за преземање на водечката улога во високо-технолошките капацитети како и во традиционалните индустрии кои исто така работат со некои материјали на нано ниво. Програмата е флексибилна, покрај задолжителните предмети нуди широка лепеза на изборни предмети кои ќе допринесат во потесното специјализирање на новите инженери.

Пракса и можност за работа во следниве компании /претпријатија: Johson Matthey, Drexler Maier, Vitek, Tehnokose, Алкалоид, Плазма и др.



2. Металургија, дизајн и менаџмент



Додипломските студии на оваа студиска програма образуваат профили на инженери-металурзи кои се стекнуваат со знаења од областа на добивањето и преработката на металите. Преку задолжителните наставни дисциплини се добиваат фундаменталните основи на металуршките процеси и градбата и својствата на металите, додека преку изборните предмети, идните инженери- металурзи се насочуваат кон потесни специјалности, како: добивање обоени, ретки и благородни метали, добивање железо и челик, добивање феролегури, леење, пластична обработка (валање, ковање, пресување итн.), добивање прашкасти метали и нивно синтерување, галванизирање, корозија и заштита од корозија, рециклирање (производство на метали од секундарни суровини), екологија во металургијата и рударството итн.

По завршувањето на додипломските студии, Факултетот нуди можност за натамошно усовршување и насочување на ваквите инженери на постдипломските студии на насоката за нови материјали-метали, металуршко инженерство екстрактивна и преработувачка металургија, инженерство за заштита на животната средина и електрохемиско инженерство. Во последните години металуршките капацитети во Македонија заживеаја и работат со полна пареа. Вработени се скоро сите дипломирани инженери- металурзи, а побарувачката од ваквиот кадар е се поголема. Како доказ за тоа се и многубројните стипендии кои се доделуваат оваа година токму од металуршките компании во вредност од 1000 евра годишно за студирање на оваа студиска програма.

Пракса и можност за работа во следниве компании /претпријатија: Feni Industries, Jugohrom Jegunovce, Johson Mathhey, Макстил, ArcelorMittal Stil, Vardar Dolomit, Vatrostalna MZT Learnica, Fakom inzenering ( Скопје ), Скопски легури ( Скопје ), Бучим ( Радовиш), FZC 11 Октомври ( Куманово ), Плазма ( Скопје ), Metalmarket ( Скопје ), MZT-EKA ( Скопје ), Металец ( Битола), Металец ( Прилеп ), Металец ( Струга ), Zavar Company ( Скопје ), TEAL ( Тетово ), JUG Институт за заварување ( Скопје ).



3. Полимерни материјали, дизајн и менаџмент



Студиската програма Полимерни материјали, дизајн и менаџмент овозможува изучување на полимерните и органските суровини, нивната подготовка и добивање. Со оваа студиска програма студентите ги изучуваат технологиите и процесите на преработка на пластичниот гранулат во сите видови производи: пластични профили и садови, цевки, влакна, еластомери и пени, гуми, детергенти, бои и лакови.

Заштита на животната средина од органските загадувачи, како и решавањето на пластичниот отпад се изучува преку посебни дисциплини како во основните, така и во изборните предмети. Преку лабораториската работа за време на студиите како и преку дипломските работи студентите се запознаваат со можностите за искористување на нивните теоретски сознанија за апликативни цели поврзани со индустриските капацитети во Република Македонија. Исто така, оваа насока овозможува одлична база и подготовка на младите технолози да може лесно и брзо, со мали инвестиции да започнат свој мал бизнис. Во Македонија постојат повеќе капацитети за преработка на пластиката во пластични предмети, профили, цевки, кабли, бои и лакови, фолии, каде што полимерците може да ги вложат своите нови знаења во реализацијата и исполнувањето на стандардите за квалитетни производи со кои што Македонија може да излезе на Европскиот пазар.

Пракса и можност за работа во следниве компании /претпријатија: Фабрика за композити TEHNICAL TEXTILE- Штип, EU 11 октомври - Прилеп, Фабрика за медицинска пластика - Тетово, фабрики за детергент и козметика ( Реплек, Алкалоид ), фабрики за пластични и гумени производи за автомобилска индустрија - Витек - Скопје, Tehnohose - Скопје, Drexler Maier – Кавадарци, Konti Hidroplast, Gemma plast, 7-ми Ноември ( фабрика за пластични цевки), Zdenka – Неготино (фабрика за кабли).



4. Прехранбена технологија и биотехнологија



Студентите кои ќе дипломираат на студиската програма Прехранбена технологија и биотехнологија, насочување Прехранбена технологија се оспособени за водење индустриски процеси за преработка на храната. Тоа опфаќа и подобрување на постојните операции и воведување нови, учество во дизајнирање нови производи и воведување современи програми за обезбедување квалитет во прехранбените претпријатија.

Со зголемување на бројот на малите и средни претпријатија во државава, можностите за вработување на прехранбените инженери се зголемуваат и тоа особено во пекарството, преработката на овошје и зеленчук, преработката на млеко, производството на алкохолни и безалкохолни пијалаци, во винарството како и во маслодајната и месната индустрија, како и во производството на процесна опрема, производството на амбалажа, во лабораториите за контрола на прехранбените производи и во научноистражувачките институции.

По дипломирањето на студиската програма Прехранбена технологија и биотехнологија, насочување Биотехнологија, овој вид инженери е квалификуван за работа во индустрии кои се занимаваат со преработка на биолошки материјали, како што се производството на фармацевтски и козметички производи (лекови, сирупи, етерични масла, ароматични компоненти, пигменти и др.) и во ферментационата индустрија (класични ферментации: пиво, вино, оцет, пекарски квасец, стартер култури, пробиотска храна и др.).

Изучувањето на ензимите и нивната примена во различни процеси им ги проширува можностите за вработување и во други индустриски гранки, како кожарската, целулозната и текстилната. Познавањата од молекуларната биологија и генетските трансформации им овозможуваат вработување во лаборатории за контрола на генетски модифицираната храна и во соодветни научноистражувачките институции.

Пракса и можност за работа во следниве компании /претпријатија: Пивара Скопје, Жито Лукс, Жито Леб, Жито полог, Пекабеско, Солета, Тиквеш, Бовин, Сковин, Реплек, Алкалоид, Јака Радовиш, Винчини, Контролни лаборатории.



5. Дизајн и менаџмент на технолошки процеси



Оваа студиска програма нуди широки инженерски знаења заеднички за процесите од различните индустриски гранки. Со знаењата стекнати на оваа насока, идните инженери се оспособени за работа и водење на постојните и проектирање на нови процеси во различни сфери од процесната индустрија.

Во наставните програми на повеќето предмети од сите студии што се негуваат на оваа студиска програма вклучена е компјутерската поддршка за моделирање, симулација и контрола на технолошките процеси. Дипломираните инженери од овој профил се оспособени за широк спектар на активности: примена на инженерските принципи за проектирање на нови процеси, подобрување на постојните, успешна имплементација на промените во процесните параметри, оптимизација на технолошките процеси, развој на нови методи за редуцирање на загадувањето, проектирање на постројки за складирање и третман на отпадот, техноекономски анализи и маркетинг.

Пракса и можност за работа во следниве компании /претпријатија: Johnson Control, ОКТА, Алкалоид, Горска, Пивара.



6. Неорганско инженерство и заштита на животната средина



Студиската програма Неорганско инженерство и заштита на животната средина, овозможува изучување на неметалните суровини, нивна подготовка како и изучување на базното неорганско инженерство (технологиите за добивање на вештачки ѓубрива, киселини, бази и соли), технологии од областа на врзивата, стаклото, грубата и фината керамика, огноотпорите како и специјалната керамика (биоматеријали, материјали за специфична примена). Со оваа студиска програма студентите ги изучуваат и процесите поврзани за подготовка на водата како и прочистување на отпадните води. Заштита на животната средина од полутантите кои се добиваат од горенаведените технологии се изучува преку посебни поглавја во рамките на предметите како и преку посебни дисциплини вградени како во основни, така и во изборни предмети. Преку лабораториската работа за време на студиите како и преку дипломските работи студентите се запознаваат со можностите за искористување на нивните теоретски сознанија за апликативни цели поврзани со актуелната состојба во Република Македонија.

Можности за вработување постојат низ цела Македонија. Македонија е доста богата со неметални минерални суровини како и индустриски капацитети за нивна преработка. Генерално, во секој град во водовод, инженер од оваа насока може да најде свое вработување, како и во пречистителните станици на индустриските и комуналните води. Потоа во индустриските капацитети за градежна керамика, порцелан, керамички плочки, огноотпори и специјална керамика кои ги има скоро во секој град.

Пракса и можност за работа во следниве компании /претпријатија: Титан, Цементарница Титан, Пречистителни станици за отпадна вода ( низ цела Македонија ), Knauf, Дебар, Strmosh, Пробиштип, Лаборатории за контрола на квалитет на питка вода ( низ цела Македонија ), Неметали Огражден, Нова Рефрактори.



7. Дизајн и инженеринг на облека



На насоката „Дизајн и инженеринг на облеката“, студентите се стекнуваат со неопходните вештини за работа во различни сектори од модната индустрија. За разлика од вобичаените наставни програми, оваа наставна програма претставува особено интересна комбинацијата на дизајнерски и инженерски предмети кои ја поттикнуваат креативноста и иновативноста кај студентите, а истовремено создаваат солидна техничка основа за реализација на идеите во производните процеси. Студентите се запознаваат со процесот на работа на модниот дизајнер, а преку користење креативни техники и методи, ги развиваат дизајнерските способности за успешно интегрирање во модната индустрија и создавање брендовски идентитет. Бидејќи конфекцискиот бизнис се базира на способноста на компанијата за навремена испорака на квалитетна облека по вистинска цена, цел на студиската програма е студентите да се здобијат со стручни знаења од организација, технологија, производство и менаџмент во насока на создавање конкурентен производен систем, за модерно конфекциско производство.

Со изучување на останатите предмети од текстилната технологија, се комплементираат знаења за својствата на текстилните материјали, потребни за правилен избор на материјалите и функционално проектирање на облеката. Значајниот удел на природно-научни, инженерски, текстилно-технолошки и менаџерски предмети, овозможуваат брзо вклопување на дипломираните студенти во која било фаза од производните процеси и организирање и раководење со различни сектори во производни и непроизводни компании. Дипломираните студенти на насоката “Дизајн и инженеринг на облека” може да најдат вработување на различни стручни позиции во модните студија, конфекциските и текстилни компании, компании за испитување и контрола на квалитетот на текстилните производи, логистички центри, средните стручни училишта, царина, центри за обука и преквалификација и трговски претпријатија.

Пракса и можност за работа во следниве компании/претпријатија: Окитекс, Elena Luka, MGI – Скопје, AFG – Штип, Albatros – Штип, Moda – Свети Николе, Bosut – Куманово.