Интервју со Игор Петровски и Петре Петров - студенти кои ја создадоа апликацијата

Интервју со Игор Петровски и Петре Петров - студенти кои ја создадоа апликацијата "Go"

Подготвил: Тамара Гроздановски

Игор Петровски и Петре Петров се студенти од Тетово и Радовиш и се трета година на факултетот ФИНКИ. Момците дојдоа до идеја да ја создадат апликацијата „Go“ од социјален карактер, со која се овозможува комплетно геолокациско информирање на настани, места од интерес, фотографии и поврзување со други корисници.

 

апликација


Како што велат колегите, целта им беше да создадат нешто надвор од рамките на факултетот без разлика на тоа дали крајниот резултат е успешен или. Момците се доказ дека во нашата земја постојат навистина креативни млади луѓе кои се доста креативни и мотивирани да постигнат нешто во животот.

Факултети: Најпрво малку за концептот и идејата.  Апликацијата е одлична можност за споделување на места, настани, слики и одлична за поврзување со другите корисници. Од каде дојде идејата да се создаде ваква апликација?

Игор Петровски: Идејата дојде кога требаше да направиме проект по еден од предметите кои ги слушавме во петтиот семестар на ФИНКИ. Првичната замисла беше само да ги листаме настаните кои што се случуваат во непосредна близина на корисникот. Уште на почеток,  одлучивме дека ова нема да биде само еден „обичен” проект на факултет, туку дека ќе ја истуркаме идејата до крај и ќе ја извадиме апликацијата на пазарот. Додека работевме на проектот, видовме дека има барем 5 солидни апликации кои веќе ја имаат реализирано истата идеја – наоѓање на настаните околу нас. Затоа, одлучивме да ја збогатиме апликацијата со тоа што ќе им овозможиме на корисниците и пребарување на местата во нивната близина. Дополнително, го додадовме и социјалниот аспект  каде корисниците би можеле активно да учествуваат во генерирање на содржината за местата (постирање слики, пишување препораки, чекирање) кои ги посетуваат и да се поврзат со други корисници.

 

1


Факултети: Што претставува и што апликацијата им нуди на нејзините корисници?
    
Петре Петров: Апликацијата претставува комплетен city guide, кој покрај информирањето за настаните и местата во ваша близина, овозможува да се поврзете со други корисници и да видите кои места ги посетуваат  вашите пријатели. Со само еден клик на апликацијата ги добивате следниве информации:
    

• Најновите активности од корисниците кои ги следите (follow)

• Кои настани се случуваат во ваша близина, заедно со можноста да се филтрираат тие настани и да се прикажат на мапа

• Кои се најпопуларните места (врз основа на бројот на чекин-и) кои се наоѓаат околу вас

• Кои се најдобрите слики постирани на местото (или многу блиску до вас) каде што се наоѓате

• Кои корисници на Go се чекирале на местото (или многу блиску до вас) каде што сте моментално

 

2


Факултети: Дали пазарот веќе се има сретнато со ваков вид на апликација и колку македонската јавност ќе биде заинтересирана за нејзино користење?

 

Игор Петровски: Има одлични апликации кои ги наоѓаат настаните околу нас. Исто така, имаме апликации кои ги наоѓаат местата во наша близина и ни даваат добри препораки. Постојат  апликации кои служат само за чек-ирање и поврзување со други корисници. Но, она што ние го нудиме, а е различно од сите други, е интегрирање на сите овие карактеристики во една апликација и комплетно информирање за сите работи кои би им биле од интерес на корисниците, а се во нивна близина.

Факултети: Дали досега имате добиено некаква повратна информација за тоа колку апликацијата е корисна?

Петре Петров: Да. Многу корисници велат дека оваа апликација им е од корист кога посетуваат градови кои не ги познаваат многу добро и на брз и лесен начин успеваат да се информираат за работите околу нив. Постојано сме во контакт со корисниците и добиваме пофалби, критики и забелешки, кои ни се од клучно значење за подобрувањето на апликацијата.

 

3


Факултети: На што се надевате во иднина и каде се гледате за 5 години?
    
Игор Петровски: Моментално работиме на проширување на тимот, и се надеваме дека во блиска иднина апликацијата ќе биде достапна и за iPhone. Имаме идеи кои сметаме дека би биле интересни и би ја направиле нашата апликација уште подобра. „Go“  моментално е достапна во Македонија, Србија, Хрватска и Словенија, а се надеваме дека  до крајот на ова лето ќе ја покриеме цела Европа и САД. Сепак, станува збор за многу податоци. На долгорочен план, планираме да се поврземе со местата (ресторани, кафулиња, дискотеки), како и со организаторите на настани, и со тоа да овозможиме полесна  комуникација  (резервации, купување карти ) помеѓу корисниците и сопствениците/организаторите на места/настани.

Факултети: Што би им препорачале на студентите и останатите кои ја читаат Факултети.мк?

Игор Петровски: Мислам дека е многу важно, додека сме студенти, да се обидеме да направиме нешто што е надвор од рамките на факултетот и да реализираме некоја наша идеја. Без разлика дали крајниот резултат ќе биде успешен или не.

Петре Петров:
Верувајте во себе и не се плашете да преземете иницијатива и да создадете нешто кое на другите а и на вас ќе ви биде од корист.