Типови на студенти за време на испитната сесија

Типови на студенти за време на испитната сесија

Подготвил: Тамара Гроздановски

Во животот на секој студент, испитните сесии и колоквиумските недели се најстресниот период во текот на студирањето. Во овој период не се справуваат сите еднакво со учењето, стресот и притисокот поради што на површина излегува нивната вистинска личност. Реакцијата пред и после испитот зборува доста за тоа на кој тип на студент припаѓате.

 

1


Извидници


Во овој тип на студенти влегуваат сите оние кои одлучиле „факултативно“ да се појават на испитите во првите рокови. Имено, тие не го научиле материјалот, односно не отвориле книга, туку само одлучиле да одат на испит и да видат кои прашања се појавуваат. Без грижа и насмевка на лицето го гледаат колоквиумот или испитот, им се насмевнуваат на колегите околу себе кои се обидуваат да препишат или забрзано пишуваат, и го предаваат празен тестот и бараат жртва за кафе. Така прават првите неколку сесии и на есен собираат одлични оценки.

 

4


Хистерични

Хистерични студенти најмногу има меѓу оние кои учат кампањски, односно оние кои се обиделе да научат се` за само 2 дена. Свесни се дека знаат нешто, но не се` па поради тоа паничат и ги малтретираат колегите со тоа дека ќе паднат и дека не знаат ништо. Спаѓаат во една од најиритантните групи бидејќи шират паника меѓу сите. Што е полошо, во повеќето случаи професорите им ги „годат“ прашања па добиваат висока оценка.

 

4


Испитувачи

Студентите кои подолго време учеле, но не знаат неколку прашања, неколку поими им се нејасни, а за некои имаат повеќе потенцијално точни одговори. Најлесно ќе ги препознаете по тоа што ги малтретираат сите околу себе поставувајќи нејасни прашања. Не им е доволна потврда една личност за тоа кој е точниот одговор, туку ги проверуваат сите кои им се во близина. Понекогаш им досадуваат и на асистентите да им ги кажат точните одговори.

Изолирани случаи

Прво започнуваат со приказната за учењето и за тоа како следните седум дена нема да излегуваат, да одат на кафе и како нема да се дружат со луѓето. Се затвораат во соба тие седум дена, но на крајот времето го трошат на филмови, игри или нешто сосема друго само за да не ја земат книгата во раце. На тој начин трошат шест дена, а во последните 24 часа сфаќаат дека нема да стигнат да го спремат испитот па на истиот не се појавуваат.

 

2


Препишувачи


Наместо да читаат тоа што им е за учење, повеќе сакаат да го трошат времето правејќи ливчиња на кои се наоѓаат најважните работи. Свесни се дека во периодот кога правеле ливчиња можеле да го научат целиот материјал и да одат на испит без коцкање, но сепак се одлучиле за препишување. Се појавуваат во амфитеатарот целосно смирени, но ги малтретираат другите околу себе со тоа дали учеле или кој дел од материјалот не го знаат. На крајот успеваат да препишат и добиваат солидна оценка.

Ловци на десетки

Додека едни се мачат за да добијат точенн број на поени потребен за просечна оценка, други ја одбиваат секоја оценка која не е одлична. Никогаш нема да ви биде јасно зошто го форсираат просекот, особено кога станува збор за доста тешки предмети, но кога ви се потребни информации за испитите - овој тип на студенти се вистинските луѓе за тоа.

Изгубени во времето и просторот

Ден пред испитот/колоквиумот тие дознаваат дека всушност полагаат, што значи дека не знаат ни кој предмет го полагаат, ни кога. Изгубени се во времето и просторот, а на учење не потрошија ни минута - одат на се` или ништо бидејќи водени се од логиката дека нема што да изгубат. Откако ќе го добијат испитот во рака, се вртат, препишуваат, заокружуваат прашања и на крајот полагаат со истата оценка како и оној кој им кажал за испитот.

 

1


Љубители на скриптите

Овој тип на студенти не се одделуваат од скриптата воопшто, се` до објавувањето на резултатот на испитите. Со други зборови сами си прават скрипта после прочитаната литература, на кафе пред испитот ја прелистуваат цела скрипта, во предавалната пред испитот скриптата се`уште им е в рака, а штом го предадат тестот ја отвораат за да видат дали прашањата што ги одговориле се точни.