Семеен ден во ДРЕКСЛМАЈЕР - 10.000 задоволни насмевки

Семеен ден во ДРЕКСЛМАЈЕР - 10.000 задоволни насмевки


 
Вчера (недела) 26.07.2015 фабриката ДРЕКСЛМАЈЕР во Кавадарци, им посака добредојде на преку 10 000 посетители. По повод „Денот на семејството“ вработените во „ДРЕКСЛМАЈЕР“ имаа можност да им покажат на своите најблиски каде работат и низ заедничка дружба и забава подобро меѓусебно да се запознаат поминувајќи еден ден во кругот на компанијата.

Најмалите беа во центарот на вниманието и уживаа во богатата програма. Куклена претстава, детски реквизити, жонглери, маскоти, пет илјади поделени балони, беа само дел од целодневната забава. Другарчињата од детскиот хор „Поточиња“ пееја заедно со присутните дечиња, а водителот Марко Новевски се погрижи за широките детски насмевки. Неколкуте илјади присутни дечиња добија и мал подарок од компанијата „ДРЕКСЛМАЈЕР“.

„Многу забава на едно место, навистина не го очекував ова. Веќе неколку часа се обидувам да ја убедам ќерка ми дека е време да си одиме дома“, се „пожали“ Весна, сопруга на наш колега.



Не беа заборавени ниту возрасните. Вработените во „ДРЕКСЛМАЈЕР“ заедно со своите гости уживаа во музиката на Петар Ренџов и неговиот „Тумбала салса бенд“, а низ подготвената програма ги водеше водителот Димитар Атанасовски. Можност да запее покрај реномираните музичари имаше и петнаесетгодишната Љупка, ќерка на една од нашите вработени, која доби заслужени овации од присутните.

Особено интересна за добредојдените гости беше организираната обиколка во производствените хали на фабриката. Тие заедно со водич, од блиску се запознаа со процесот на производство и добија појасна слика за тоа што работат нивните најблиски во фабриката „ДРЕКСЛМАЈЕР“.

„Навистина се радувам што денес сум заедно со моето семејство овде. Бевме на зедничка прошетка во фабриката каде што мојата сопруга ми го покажа нејзиното работно место“, раскажа Деан, сопруг на вработена во нашата компанија. „Изненаден сум од редот, чистотата и добрата организираност. За време на прошетката, климатизираните хали добро ни дојдоа како засолниште од топлото сонце надвор“, додаде Деан.



За целокупен впечаток, на лице место се приготвуваа и сервираа 11 000 хамбургери, а 35 000 пијалоци беа доволни да ја изгасат жедта во текот на вчерашниот ден.