Која е постапката за основање нов државен универзитет во Македонија?

Која е постапката за основање нов државен универзитет во Македонија?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Во период кога се прашуваме дали може да го решиме проблемот со високото образование во земјата, за кој многумина сметаат дека е поттикнат од форсирање на квантитетот, наместо квалитетот, дознаваме дека главниот човек во Министерството за образование планира отворање нов универзитет во земјава. Оправдувањето позади идејата е „создавање универзитет кој ќе биде сон за Албанците“ во Македонија, а зад неа стои политичката партија ДУИ, чии луѓе ќе раководат со новата високообразовна институција.


Академикот Изет Зеќири смета дека ова е само политички трик на ДУИ и дека Министерството треба да ги исполни дадените ветувања за подобрување на условите на Државниот универзитет во Тетово. Народот одамна се умори од политичките трикови со кои се влијае на нив, особено преку образованието.

Значи, во време на политичка криза и со минимален буџет за образованието, истовремено работејќи на нов Закон за високо образование, се работи на отворање нова државна институција наместо завршување на започнатите планови и подобрување на квалитетот и условите за студирање на сите државни универзитети во земјава. Но, добро. Што ги очекува ДУИ и Министерот за образование, Абдулаќим Адеми понатаму? Како изгледа процесот на отворање државен универзитет во Македонија?

Кој може да основа високообразовна установа?

Според член 26 во Законот за високо образование, приватно-јавна непрофитна високообразовна установа може да основа непрофитна фондација основана од странско правно или физичко лице со јавни средства обезбедени од странски и домашни извори според услови утврдени со овој закон, врз основа на одобрение од Владата на Република Македонија.

Услови за основање на високообразовна установа Високообразовна установа може да се основа ако:

- е утврдено студиско и научно-истражувачко подрачје, односно уметничка дисциплина за кои високообразовната установа се основа, при што за определувањето на студиското подрачје, односно уметничката дисциплина се користи меѓународната класификација ИСЦЕД и националната квалификациона рамка, а при определување на научно-истражувачкото подрачје меѓународната Фраскатиева класификација,

- се обезбедени соодветни простории и опрема за остварување на високообразовна, научно-истражувачка и уметничка, односно стручна дејност,

- со финансиски план е обезбедено одржливо ниво на финансирање најмалку за еден циклус на студии,

- е обезбеден потребен број лица кои ги исполнуваат условите утврдени за избор во наставно-научни, научни и наставни звања, кои дале изјава дека ќе се пријават на конкурсот и дека ќе засноваат работен однос, ако на конкурс бидат избрани и

- се исполнети и другите услови кои се утврдени со нормативите и стандардите за вршење на високообразовна дејност.


Проект за основање високообразовна установа

Проектот за основање високообразовна устанува го подготвува Владата на РМ, односно органот овластен од неа. Проектот треба да содржи: студиски подрачја и студиски групи, оддели и насоки, просторните услови и опрема за остварување на високообразовната, научната, односно уметничката и стручната дејност во соодветната област, изворот на финансиските средства за вршење на високообразовна дејност, можноста за обезбедување на потребен број лица кои можат да бидат избрани во наставно-научни, научни и наставни звања и план за начинот на кој ќе бидат исполнети другите услови кои се утврдени во уредбата за нормативи и стандарди.

По проектот, Одборот за акредитација и евалуација на високото образование донесува решение за акредитација. Одборот е составен од 23 члена кои беа предложени од Интеруниверзитетската конференција, МАНУ, Студентскиот парламент, стопанските комори и Владата на РМ. Претседател на телото е проф. Михаил Петковски од Економскиот факултет во Скопје.

Решение за почеток со работа

По подготовките за почеток со работа, основачот или органот овластен од него поднесува барање до Министерството за образование и наука за остварување увид за исполнетоста на условите за почеток со работа. Меѓу другото, еден услов е избрани вработени, односно најмалку половина од вкупниот број наставници за прва и втора студиска година. Министерот надлежен за работите на високото образование го донесува решението за почеток со работа на институцијата.

Регистрација на високообразовната установа и конституирање на органите

Следува запишување на високообразовната установа во регистарот на високообразовни установи, а потоа се конституира наставнички совет и се одбира директор. Следува запишување на универзитетот во Централниот регистар, со што установата добива својство на правно лице.

По овој чекор, институцијата може да врши запишување на студенти во прва година на студии.