Интервју со Коста Петров: Успехот ги следи оние кои никогаш не се откажуваат

Интервју со Коста Петров: Успехот ги следи оние кои никогаш не се откажуваат


 
Коста Петров е основач на агенцијата Пи Ворлд која се занимава со организирање настани низ светот. Неговата агенција има канцеларии во многу светски градови. Автор е и на Стравот", „Нашето последно кафе", „Се гледаме на врвот”, а неодамна пишува и колумни за Hufington post. Во ова интервју, Коста ни зборува за агенцијата, за пишувањето, за искуствата со колумните во реномираниот Hufington post, а споделува и мислење за младите во Македонија.

Како е да се работи во Македонија, а како е да се работи на Блискиот Исток? Има сличности или пак, работата е сосема различна?
Пи Ворлд, за неполни пет години, успеа да се позиционира како лидер во индустријата за настани во повеќе од 30 земји во светот. Денес, токму нашата компанија ги организира најголемите интернационални бизнис настани во земји како Египет, Јордан, Оман, Катар, Азербејџан и Турција. На мое огромно задоволство од оваа година ние сме и првата интернационална агенција на која и е дозволено да организира настан во Иран. Гледајќи наназад, имаше моменти на бескрајна радост но и моменти кога ни беше доста од се. Најверојатно успехот ги следи оние што никогаш не се откажуваат бидејќи ние во ниеден момент не се откажавме и денес, исто како и првиот ден, и јас и целиот мој тим стопроцентно сме сигурно во нашиот успех и во успехот на нашата компанија. Она што особено ме радува што во Македонија во последните неколку години има огромен број на компании кои што работат на глобален пазар. Секојдневно сум во контакт со десетици млади луѓе кои го менуваат бизнис светот токму од нашата земја и тоа навистина ме прави среќен. Она што еднаш засекогаш треба да се промени е нашата перцепција дека Македонија е земја во која ништо не успева. Кај нас има и те како успешни луѓе но за жал ние упорно се фокусираме само на негативните работи во земјава.



Која е најпознатата личност која има зборувано на настан организиран од ПиВорлд? Генерално, тешко ли оди организацијата на настаните?
За овие пет години над 500 бизнис експерти говореле на нашите настани. Она што ги прави нашите настани посебни е фактот дека на речиси сите наши настани зборуваат експерти од највлијателните светски брендови. Малкумина знаат дека Пи Ворлд е првата компанија која донела претставник од Facebook во повеќе од 15 земји светот. Оваа есен го организираме најголемиот маркетиншки настан во Египет и за првпат на aфричкиот континент на ист настан говорат Facebook, Twitter, Google, Yahoo! и Shazam. На малкумина им успева тоа што ние секојдневно го правиме и навистина сме горди на тоа. Што се однесува на тоа дали е тешко да се организираат настани, би кажал дека ништо големо во животот не доаѓа лесно. Секој настан си има свои стресови и проблеми. Она што е тешко е фактот дека всушност успехот на еден настан не зависи директно од нас. Зависи од предавачите, од салата, од градот, од бројот на публиката, од безбедносната ситуација во земјата. На пример апликацијата за настанот во Иран ја поднесовме пред една година и дури од кога завршија преговорите меѓу Иран и Америка, револуционерната војска ни дозволи да го организираме настанот. Во Египет организираме огромен настан но не знаеме каква ќе биде безбедносната ситуација до тогаш. Еден мал инцидент и сета аша макотрпна работа може да падне во вода. Работиме во ризични маркети и навистина некогаш знае да биде многу стресно но од кога ќе се случи настанот сфаќаме дека сите стресови вределе.



Дали планираш и во Македонија да организираш некој поголем настан?

Иако сме македонска компанија, за жал во Македонија имаме организирано само три настани. Она што ме радува е тоа што многу македонски компании доаѓаат на нашите настани во странство. Убаво е чувството кога имаш свои луѓе во публика. Не би сакал премногу да откривам, но во моментов работиме на една идеја за настан со кој ќе обележиме пет години од основањето на Пи Ворлд.

Покрај ангажманите поврзани со Пи Ворлд, ти пишуваш книги. Автор си на„Стравот", „Нашето последно кафе", „Се гледаме на врвот"... книги, кои се многу барани од читателите. Од каде поривот за пишување? Дали одлуките за тоа што ќе пишуваш, зависат од она што сакаат луѓето да го прочитаат или пак, од она што ти самиот го чувствуваш и живееш?
Никогаш не пишувам книга со идеја дека таа треба да биде бестселер. Во моите книги ги споделувам моите искуства и научени лекции. Некои луѓе се пронаоѓаат во нив а на некои истите им се смешни. Она што го научив во овие неколку години е дека не треба да очекуваме сите да не сакаат, а не ни треба. Ме радува фактот што за само две години имам продадено над 15.000 книги. Мојата прва книга Се гледаме на врвот е веќе на своето осмо издание. Не се плашам да пишувам за своите стравови, желби, падови и најверојатно тоа и најмногу ги привлекува луѓето да ги читаат моите книги.

Неодамна почна да пишуваш колумни на Hufington Post, кои морам да признаам дека се одлични. Какви се реакциите на луѓето, дали си задоволен од читаноста?
Навистина е огромна чест да се пишува за еден престижна медиска куќа како Huffington Post. И ден денес, не можам да поверувам дека пишувам за нив. Иако и во Македонија редовно пишувам колумни, во овој случај, се работи за светски медиум кој има огромен дострел. Секојдневно добивам пораки и коментари од насекаде од светот навистина е прекрасно чувство кога некој од Америка ќе ти пише дека си го инспирирал да започне свој бизнис. Моите колумни во Hufftington Post се и платформа за да се чуе гласот на македонските претприемачи во светот и да покажеме дека иако сме мала земја сепак имаме капацитет да го промениме глобалниот бизнис свет.

Многумина млади луѓе кои не` опкружуваат, гледаме како си ја бараат среќата надвор од Македонија. Што мислиш ти за тоа? Што според тебе недостига да се направи за да се спречи одливот на мозоци?
Ова е проблем насекаде во светот, не само во Македонија. Младите луѓе сакаат да уживаат во животот. Сакаат да го прошетаат светот. Тие сакаат брзи промени а кај нас можеби некогаш промените одат споро. И тоа е апсолутно во ред. Баш пред некој ден на страната на Humans of New York прочитав еден цитат што вели - Патувај додека си млад. Ако немаш пари позајми. Само патувај. Македонија можеби не е најсовршената земја во светот но како некој што работи во повеќе од 30 земји во светот ќе кажам дека не постои такво нешто како совршена земја. Одамна научив да не зависам од никого. Јас верувам дека сите ние сами си го креираме нашиот животен филм и одлучуваме што ќе се случува во него. Некој ќе остане во Македонија а некој ќе ги исполнува своите соништа некаде надвор. Она што ужасно ме нервира е тоа што упорно се врзвуваме за сите негативности во земјата и ги игнорираме сите позитивни промени што секојдневно се случуваат. За упорните, издржливите и работливите и Македонија може да биде место за исполнување на соништата.