Која е причината за незаинтресираноста на студентите за новите студиски програми на УКЛО?

Која е причината за незаинтресираноста на студентите за новите студиски програми на УКЛО?

Подготвил: Тамара Гроздановски

ректорат

Новите студиски програми имаат најслаба реализација во првиот упиесен рок.

Од ректоратот велат дека ќе почекаат да помине и вториот и третиот уписен рок за да може да се направи целосна анализа.

„За да бидеме сигурни колкава е заинтересираноста за овие студиски програми, мора да почекаме да видеме колку ќе се пријават кандидати во вториот и третиот уписен рок“, изјави д-р Сашо Атанасоски проректор за настава на Битолски Универзитет

Но, која е причината за незаинтересираноста на студентите за новите студентски програми?

„Факултетите при УКЛО, а мислам и другите факултети на Универзитетите во нашава земја обрнуваат многу малку внимание на маркетингот. Факултетите немаат соодветен тим кој би работел на маркетингот, не ги рекламираат факултетите и нормално, сето тоа си повлекува последици. Не може еден реномиран Универзитет да чека до вториот и третиот уписен рок за да види колку кандидати ќе се пријават“, вели Иван, кој го води PR тимот на една битолска компанија.

„Штом гледаат дека нема заинтересираност, факултетите треба веднаш да се организираат и да започнат да ги промовираат своите студиски програми. Не може, а и не смее ректоратот да очекува студентите „да им паднат од небо“ - мораат веднаш да се алармираат PR тимовите (се сомневам дека некој од нашите факултети ги има) и да започнат да реагираат. Во денешно време, интернетот е едно од главните места на кои половина од успешните компании се рекламираат, а голем дел од нашите универзитети и факултети немаат ни веб страна ниту пак страна на социјалните мрежи како Линкедин или Фејсбук“, додава тој.

Истражувањата низ светот говорат дека рекламите, особено оние на интернет, се најважниот дел за привлекување на клиенти. Несомнено е дека врвните универзитети трошат голема сума на пари за рекламирање и одржување на веб страните и профилите на социјалните медиуми.

Имено, првата половина на 2013 година, колеџите и универзитетите од Америка потрошиле 570.5 милиони долари за платени реклами. Исто така, тие трошат доста ресурси за дизајнирање на нивните веб страни и постојано ажурирање на информациите на социјалните медиуми како Фејсбук, Линкедин и Твитер, бидејќи токму овие медиуми им ги носат нивните клиенти - студентите кои 90% од времето го поминуваат на интернет.

Голем дел од битолските факултети воопшто немаат функционална веб страна, ниту пак профил на Фејсбук или Твитер. Педагошкиот факултет од Битола има само една група на Фејсбук, а нема профил на Твитер, ниту пак на познатата ЛинкедИн. Истото важи и за Економскиот факултет во Прилеп кој има само веб страна и отворена група на Фејсбук создадена од самите студенти. Ова важи и за Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.

Единствено, новоотворениот Факултет за информатички и комуникациски технологии, Техничкиот Факултет, Биотехничкиот Факултет, Факултетот за безбедност во Скопје и Правниот факултет во Кичево имаат Фејсбук профил, иако и на овие профили ажурирањата не се чести.

Останува прашањето зошто нашите универзитети и факултети не обрнуваат внимание на нивната интернет реклама и профилите на социјалните медиуми кои се од суштинско значење за привлекување на студентите.