Почина Маргарет Рид, истакната професорка и преведувачка на УКИМ

Почина Маргарет Рид, истакната професорка и преведувачка на УКИМ

На 21 август 2015 година, на седумдесет и пет годишна возраст, во Единбург почина Маргарет Пеги Рид, истакната професорка по англиски јазик, преведувачка и лекторка.



Пеги Рид за првпат дојде во Македонија со сопругот Греам Рид во 1961 година,кога беа студенти на Кембриџ. По осум години, во 1969 година, Пеги започна да работи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како лектор по англиски јазик, каде што минаречиси дваесет години од работниот век. Со безусловната професионална и лична посветеност на Катедрата за англиски јазик и книжевност, Пеги и Греам Рид придонесоа кон нејзиното воспоставување и обликување. Школувајќи илјадници студенти, Пеги Рид остави силен и неизбришлив отисок врз нивниот стручен развој.

Освен нејзината дејност при Катедрата за англиски јазик и книжевност, Пеги Рид предаваше на многубројни семинари по англиски јазик организирани од Британскиот совет и други домашни институции,работеше во Центарот за странски јазици во Скопје, а беше и испитувач по англиски јазик за странци на Универзитетот во Кембриџ. Заедно со колегите од Катедрата за англиски јазик и книжевност работеше на првиот телевизиски курс по англиски јазик на РТВ Скопје. Со Греам Рид помогнаа и при основањето на Центарот за англиски студии на Британскиот совет во склопот на НУБ „Св. Климент Охридски“.

По иницијатива на Пеги Рид, во соработка со британскиот експерт Тереза О’Брајан, Британскиот совет и подмладокот на Катедрата за англиски јазик и книжевност, таа покрена еден од најуспeшните проекти на Катедрата, проектот за Академско пишување, со што кадарот се обучи да предава пишување на универзитетско ниво, дејност која Пеги Рид дотогаш ја вршеше самостојно.

Во тандем со Греам Рид, како и со бројни истакнати преведувачи и книжевници, Пеги Рид работеше на превод и лектура на многубројни книжевни и стручни преводи. За својот придонес кон македонското преведуваштво, во 1973 година, Пеги Рид, заедно со сопругот Греам Рид, ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за преводот на „Сердарот“ од Григор Прличев, а во 1994 година беше наградена од Здружението на книжевни преведувачи на Република Македонија. Пеги Рид беше еден од клучните учесници во преведувачките работилници во рамките на Струшките вечери на поезијата. Меѓу нејзините последни преводи се вбројува и поезијата на Лидија Димковска и Никола Маџиров.  

За придонесот кон јазикот и културата во Македонија, во 1996 година на Пеги Рид и’ е врачен Орденот на Британската империја МБЕ, а во 2005 година Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ја прогласи за Doctor HonorisCausa. По пензионирањето, во 2006 година Пеги Рид стекна македонско државјанство.

Заминувањето на Пеги Рид остава огромна празнина во професионалниот и личниот живот на нејзините многубројни соработници и пријатели, а и пошироково македонската култура која толку посветено и активно ја промовираше.