Студентка од УГД на пракса во ЦЕРН

Студентка од УГД на пракса во ЦЕРН



Студентката Ивана Пејева од Факултетот за информатика при УГД е единствената студентка која помина двомесечна пракса во оваа реномирана научна институција. Според нејзините зборови, ова искуство ќе ѝ донесе огромна предност за работа во иднина во полето на информатичката наука.

- CERN Open Lab Summer Student програмата во ЦЕРН е програма за студенти од информатика. Два месеци работевме на практичен проект и слушавме предавања од познати научници. Секој студент работеше на посебен проект, а јас конкретно работев на тестирање на перформансите на Seagate кинетичката технологија и интеграција со системот за складирање на податоците кои доаѓаат од истражувањата. Во ЦЕРН секојдневно стигнуваат многу податоци од експериментите и има потреба тоа соодветно да се складира - вели Ивана Пејева.



Да се стигне до ЦЕРН не е така лесна работа, затоа што има пријавено студенти од целиот свет. Ивана била единствената од Македонија во оваа програма.

- За оваа програма беа пријавени околу 1.600 кандидати. Секој ментор избира кандидат кој е соодветен за неговиот проект. Потребно е добро CV, добро мотивациско писмо и желба да се стигне до таму. Конкуренцијата, секако, е голема и од целиот свет - вели Ивана.

Програмата е отворена за 40 кандидати од целиот свет. Ивана Пејева веќе дипломира на Факултетот за информатика при УГД и своето образование планира да го продолжи на вториот циклус на студии. Престојот во ЦЕРН секако ги проширил нејзините видици, па сѐ уште размислува каде да го продолжи своето образование.