МОН нуди 20.000 евра за надградба на апликација за училиштата

МОН нуди 20.000 евра за надградба на апликација за училиштата


 
Министерството за образование и наука за сума од околу 20.000 евра набавува веб апликација наменета за работа на училиштата во земјава. Станува збор за надградба на веќе постоечката апликација, таканаречениот ЕМИС систем, која се користи како електронски систем за административна работа на училиштата. Со новата надградба се очекува многу да ја олесни работата во административниот дел. Огласот за набавка е објавен неделава, а фирмите треба да ги достават понудите до 17 септември.

МОН, како што е најавено во огласот, се очекува да ја избере онаа фирма која ќе понуди најниска цена за апликацијата. Сепак, според МОН, договорот е проценет на 1.2 милиони денари, а во сумата не е пресметан и ДДВ.

МОН ги објави и техничките карактеристики кои треба да ги има апликацијата. Јавното отворање на понудите ќе се одржи на на 17 септември во 10 часот во Министерство за образование и наука. Оттаму велат дека бидејќи се работи за техничко средство, мора да се следат новините, односно систмот да се надградува, па затоа и е објавен огласот. ЕМИС е апликација со чија помош се води комплетна евиденција и распределба на сите ученици во училиштата, нивни податоци, преглед и ажурирање на нивните школски активности, оцени и успех, преглед на книги кои ученикот ги подигнал или ги вратил и преглед на нивната училишна историја, како и евиденција на сите наставници и професори кои предаваат во училиштето.

- Системот ЕМИС е проектиран од со цел да се овозможи навремено и доследно прибирање сеопфатни и точни податоци кои ќе го поддржат процесот на донесување одлуки, имплементирање на образовната политика и планирање на образовните реформи -велат од Министерството за образование и наука.

Прашавме и во училиштата како се снаоѓаат со овој систем и дали досега добро функционирал.

- Во секое училиште има задолжено администратори кои ги пополнуваат податоците кои ги бара самата апликација. Најчесто тоа се вработените од стручните служби, а им помагаат и наставниците кои предаваат информатика. На почетокот имаше потешкотии, но сега веќе нема проблем – велат од скопско основно училиште.