Пристигнува Brainster - веб сервис кој ќе го промени начинот на учење

Пристигнува Brainster - веб сервис кој ќе го промени начинот на учење

Подготвил: Драгана Петрушевска

Традиционалното образование повеќе не е тоа што било порано. Сè почесто, работодавците го вреднуваат повеќе знаењето добиено со пракса или самостојно. Големи компании како „Ernst & Young“ во Велика Британија ги отфрлаат дипломите од традиционалните факултети како потребни за вработување и наместо тоа бараат покажување на знаењата и вештините. Токму затоа, проект како Brainster ветува многу и носи потенцијал да го промени пазарот на труд во земјава. Разговаравме со Петар Ниновски во врска со овој нов начин на добивање практични вештини и знаење.


Ф:Накратко кажано, што е „Brainster“?

П: Braisnter е создадена за да го направи учењето на практични вештини достапно за сите. Ние веруваме дека секој од нас поседува практични вештини за да предава и постојана потреба да стекнува нови знаења. Практичните вештини се оние кои ќе ни помогнат да се вработиме и да се реализираме како личност. Brainster.co веб сервисот ќе им овозможи на сите со практично знаење да им понудат курсеви на останатите луѓе од заедницата. Нашата визија е да го претвориме градот во универзитет, секој простор во училница и секој од нас во инструктор и студент.

Ф: Кои области ќе бидат покриени?

П: За почеток ќе има курсеви од инструктори од следниве области: технологија, маркетинг, бизнис, дизајн и лајфстајл, а првите курсеви може да се очекуваат веќе од октомври. Секој ќе може да научи како да ја изработи својата прва IOS мобилна апликација од локални експерти кои веќе ги продаваат своите апликации глобално, да научи како да започне сопствен бизнис од претприемачи кои во своето портфолио имаат неколку успешни бизниси или да ги научи тајните на уличната фотографија од експерти кои работат за познати светски медиуми.


Ф: Каде ќе се одржуваат предавањата?

П: Скопје е нашата прва станица, а курсевите ќе се одржуваат на различни локации како co-working простории, акселератори, инкубатори, работилници па дури и во кафулиња и во парк. Кој рече дека пренесувањето на знаење треба да се одвива само помеѓу четири ѕида?

Ф: Во што се разликува Brainster од традиционалното и формално образование овде?

П: Формалното образование никогаш нема да може да биде во чекор со потребите на пазарот на труд, денес. Замислете, на факултет се случува да учите за маркетинг од книги од 2010 година (најновите). Ако овие вештини за маркетинг кои сте ги научиле на факултет ги користите денес мали се шансите да направите успешна маркетинг кампања. А каде е дигиталниот маркетинг во литературата на факултетите? Во нашиот случај еден од привте инструктори кои ќе предаваат на тема маркетинг ќе биде Ева Пиперевска добро позната на македонската стартап сцена и маркетинг експерт со долгогодишно работно искуство во компании како Symantec и Nokia а и сертифициран експерт за Google Adwords. Моментално работи како маркетин менаџер во G6Solutions. На Brainster имате шанса да научите токму од ваквите експерти.


Ф: Откаде идејата?

П: Постојано се зборува дека на формалното образование му се потребни сериозни промени, но за мене поважно е секој човек да сфати дека нашето знаење зависи од нас самите и дека никогаш не треба да престанеме да учиме. Во разговор со пријатели и колеги на тема “Едукација” сите дојдовме до еден ист заклучок: дека практичните (real-world) вештини кои ги поседуваме не се стекнати во процесот на формалното образование. Размислувавме на тоа како да направиме промена на ова поле и така се роди идејата за Brainster. Тогаш сè уште работев во една интернационална компанија и почнав да размислувам да ја напуштам работата и целосно да се посветам на Brainster. Пред да го направам тоа ја споделив идејата со пријателите, колегите, со повеќе локални експерти како и со студенти со цел да ја валидираме идејата. И да, целосно се посветив на Brainster. Како што Airbnb го промени начинот на кој ги планираме патувањата, така Brainster ќе го промени начинот на кој учиме.

Ф: Како луѓето може да се пријават за предавачи, а како за студенти?

П: На Brainster.Co платформата може да се пријават сите заинтересирани кои поседуваат одредена вештина и сакаат да креираат курс како инструктори. Ги покануваме сите што чувствуваат потреба да придонесат за заедницата, но истовремено и да остварат дополнителна заработка. Преку Brainster ја имаат таа можност, како и да се вмрежат со луѓе со слични интереси, да изградат личен бренд, а и можност на самите курсеви да пронајдат таленти со кои би работеле. Повеќе експерти ги препознаа можностите на Brainster и веќе работат на подготовка на нивните курсеви. Ако сте и вие еден од нив слободно може да не контактирате на contact@brainster.co . Додека, пак сите оние кои се заинтересирани да се усовршат во некоја вештина или да научат пракитчни (real-world) вештини од локални експерти, за секој посетен курс ќе добијат сертификат и препорака. Во исто време ќе можат да работат на реални проекти, да се вмрежат со истомисленици, и да го пронајдат и/или до-развијат нивниот талент. Регистрацијата е во тек, а оние кои ќе бидат “early birds” и ќе се регистрираат до 1ви октомври добиваат 20% за првиот курс по нивен избор.


Ф: Кои се плановите за иднина?

П: Почнувајќи од октомври Brainster.co платформата ќе биде достапна само во Скопје, но планот е до крајот на 2016 да се прошири во други градови како Атина, Софија и Берлин. Нашата мисија е Brainster да прерасне во глобална заедница и да е присутна во секој град а веќе има заинтересирани партнери од други градови надвор од државата, а замислете Brainster е во Скопје. Сега технологијата ни дозволува позитивно да влијаеме на животите на милиони луѓе и наша обврска е да го направиме тоа. Ние тоа ќе го направиме преку Brainster.co.