Прикажани

Прикажани "Платен убиец" и "Пепи и Муто" на филмското платно на 36-то издание на фестивалот Браќа Манаки

Подготвил: Тамара Гроздановски

Филмот „Платен убиец“ на францускиот режисер Дени Вилнев вчера ја наполни Големата сала во Центарот за култура во Битола.

 

1


Светската премиера на филмот беше во Кан пред 4 месеци. Во главните улоги се појавија Бенисио дел Торо и Емили Блант. Овации предизвика и комедијата на режисерот Георги Унковски со наслов „Пепи и Муто“, чие име се појавува и како автор на сценариото. Филмот го сними директорот на фотографија Димо Попов, а монтажер беше Благоја Неделковски. Главните улоги ги имаа Сашко Коцев и Петар Мирчевски, а публиката беше презадоволна од оваа урнебесна комедија.

 

2


„Презадоволен сум од реакцијата на публиката. Сценариото се развиваше неколку месеци, ама тоа е нормално и се разликува од првичната идеја. Идејата беше да се раскаже една непредимензионирана приказна, едноставна случна помеѓу стар и нов детектив“, изјави на пресконференцијата Попов, додека Неделковски се надоврза  со изјавата дека филмот им бил вистински предизвик со оглед на тоа што станува збор за комедија.

 

3


Дел од програмата беше и промоцијата на книгата „Само сонот е стварност“, дело на филмскиот критичар и есеист Илинденка Петрушева. Станува збор за ретка филмолошка објава во издание на „Македоника литера“ од Скопје.

„Станува збор за книга во која Петрушева раскажува за филмот со многу љубов, страст и вештина, книга од која може многу да се научи како да се сака филмот“, рече Нове Цветановски, издавач на книгата.

Промотер на книгата беше Александар Прокопиев, кој истакна дека Петрушева во книгата нуди конкретни факти и доживување на тие факти. Книгата фрла светлина на развојот на филмската култура од периодот на браќата Манаки до современоста.

„Овој прилог за развојот на македонската кинематографија сакав да биде подостапен до читателите, да не досадувам, туку да го извлечам најдоброто, чувството на луѓето што тогаш се занимавале со филм“, изјави Петрушева.