Ќе се укине ли екстерното тестирање?

Ќе се укине ли екстерното тестирање?

Подготвил: Тамара Гроздановски

На денешната седница собранието расправаше за Предлог законот за измени на Законот за основно образование поднесен од СДСМ, во кој се бара укинување на екстерното тестирање.

 

eksterno


„Екестерното тестирање не го мери знаењето на учениците. Концептот не е воведен со намера да се ослободат наставниците од притисок да ставаат високи оценки, туку напротив е воведен со цел да се стават под притисок на власта. Целта на екстерното тестирање е да се одземе сигурноста на работното место на наставниците, да се држат во постојана зависност и несигурност, истакна Десковска и додаде дека екстерното тестирање содржи бројни технички слабости и не придонесува за подобрување на квалитетот на образованието“, рече Рената Десковска од СДСМ.

Таа продолжи повикувајќи ги пратениците од владејачката партија да се соочат со грешката што ја направија односно што го воведоа екстерното образование.

За промени во екстерното тестирање побара и пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз. Тој смета дека во нашето образование е потребно тестирање како што има во другите држави.

Во меѓувреме пристигнува реакција од Наставничкиот пленум по повод денешното соопштение на претседателот на СОНК, Јаким Неделков. Наставничкиот пленум смета дека екстерното тестирање кое би се изведувало четири пати годишно е уште една лоша реформа која би го влошила квалитетот во образованието. Иако навидум изгледа дека ќе бидат елиминирани притисоците за оценки врз наставниците, овој начин на оценување е сосема спротивен на сите педагошки, психолошки и методолошки начини на работа и оценување.

„Се прашуваме дали господинот Неделков толку брзо ја заборавил својата работа како наставник или дејствува во улога на портпарол на Министерството. Би сакале да одговори на следниве прашања:

1. Како екстерното оценување ќе ги оцени повисоките нивоа на знаења од Блумовата таксономија?

2. Во која друга земја компјутерите пишуваат оценки?

3. Што е со часовите изгубени во времето кога трае тестот?

4. Кој ќе пишува оценка по физичко, музичко и ликовно?
5. Дали ќе организираат „недела на тестирање“ слично на колоквиумска недела?

6. Дали во таа една недела учениците ќе полагаат десет теста (бидејќи ние нема да оценуваме секој ученик мора да полага екстерно по сите предмети)?

7. Како наставникот да остане авторитет за своите ученици?

8. Што е со редовноста, дисиплината, заинтересираноста, упорноста, одговорноста, што е со воспитните цели?
9. Кој ќе состави толку прашања? После некоја година ќе ги вртите истите прашања?

10. Што е со слабите сервери? Како ќе се справите со стресот на учениците кога системот ќе падне?

11. Дали Земјата ќе престанува да се врти четирипати годишно?

Од Наставничкиот пленум велат дека Неделков треба да застане на нивна страна и да започне да се занимава со условите за работа и платата на просветните работници.