Крајно време е Република Македонија да добие свој геопарк!

Крајно време е Република Македонија да добие свој геопарк!



Геопарк претставува област со повеќе атрактивни геолошки или геоморфолошки локации и појави кои можат да бидат од национален или поширок интерес. Најчесто, подрачјето на геопаркот не е значајно само по геолошките и геоморфолошките (релјефни) форми и појави, туку поседува разни еколошки, арехеолошки, историски и културни знаменитости. Областа на геопаркот може, но и не мора да е претходно заштитено со некој степен на законодавна заштита (строго заштитено подрачје, споменик на природата, национален парк или др.). За една област да биде геопарк, освен што треба да има изразити геовредности, мора да биде членка на Европската мрежа на Геопаркови. За тоа пак е потребна соодветна апликација за членство која може да се поднесе еднаш годишно и тоа во периодот од 1 октомври до 1 декември.

На редовното пролетно заседание, претставниците на мрежата решаваат дали според поднесената апликација, предметното подрачје заслужува да стане геопарк или не, за што се известува апликантот. Доколку одговорот е потврден, во почетокот на летото, неколку меѓународни експерти ја посетуваат локацијата и вршат евалуација. Ако евалуацијата е потврдна, областа – кандидат, најдоцна до крајот на месец август, влегува во Европската, а со тоа и во светската мрежа на геопаркови и го добива брендот Европски геопарк. Членството е временски ограничено на 4 години и доколку се исполнети поставените цели, повторно се обновува.

Инаку, Европската мрежа на геопаркови е формирана во 2000-та година, а основачи се четири геопарка и тоа од: Франција (Reserve Géologique de Haute Provence), Германија (Vulkaneifel Geopark), Грција (Petrified Forest of Lesvos) и Шпанија (Maestrazgo Cultural Park). Цели на организацијата се промоција на геонаследството, заштита на геодиверзитетот и поткрепа на економскиот развој на областа на геопаркот, посебно преку развој на геотуризмот. Европската мрежа на геопаркови е фокусирана на промоција на геопарковите, нивните природни и културни вредности, што е многу важно за подрачјата на геопарковите. Главни активности во геопарковите најчесто се поставување на гео-патеки, едукација на посетителите, промоција на геонаследството, промоција на одржливиот туризам и сл. Членството во мрежата има навистина огромни привилегии: од користење на брендот за забрзан развој на областа, преку можноста за аплицирање во повеќе фондови на ЕУ, до соработка на заеднички проекти и идеи за идни активности и промоции. Геопаркот ги користи своите атрактивности и брендот за да привлече голем број посетители и да им овозможи основање на различни производствени и услужни активности кои придонесуваат за социоекономскиот развој на заедницата.

Моментално во Европската мрежа има 70 геопаркови од 23 држави на овој континент. На Балканскиот Полуостров, геопаркови освен во Грција има во Словенија, Хрватска и во Бугарија, а се прават напори за воспоставување и во останатите држави. За жал, без оглед на извонредното геонаследство и бројни раритетни геопојави, на подрачјето на Република Македонија сеуште нема геопарк (иако според проценките може да ги има барем 5-6).

Споредено со другите држави во кои има геопаркови, кај нас нема регион во кој неможе да се воспостави Европски геопарк (Маркови Кули кај Прилеп, Кратовско-Злетовската област, кањонот на Радика, Мариовскиот предел, Демиркаписка Клисура, кањонот Матка и многу други), што би имало навистина големи позитивни локални и национални ефекти. Всушност, речиси сите Европски геопаркови бележат извонредно позитивни резултати во нивната промоција, локален економски (најчесто рурален) развој и сеопшт напредок. Затоа е неопходно во идниот период да се искористат сите можности Македонија да го добие првиот геопарк и да се етаблира како навистина уникатна Европска геодестинација.

Извор: www.europeangeoparks.org

Автор: д-р Ивица Милевски / iGeo