Ова се стипендистите на кои денес официјално им беше доделена стипендијата

Ова се стипендистите на кои денес официјално им беше доделена стипендијата "Борис Трајковски"

Избрани сте како најдобри од најдобрите бидејќи сакате да учите и да се наградувате. Искуството покажало дека за секој кој сака да учи и да се надградува, две нешта никогаш нема да бидат исцрпени. Прво можностите за стекнување со вредни знаења и вештини. И второ, шансите кои ви се нудат за да го употребите наученото.

Вака Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов ги поздрави овогодинешните добитници на стипендијата „Борис Трајковски“ за магистерски студии по бизнис администрација на Сити колеџот од Солун, како дел од Универзитетот Шефилд во Велика Британија.



Анастасова Павлина, Арсовски Дарко, Беџети Агрон, Билбиловска Александра, Герасимовска Жаклина, Ивановски Виктор, Илиевска Катерина, Јованова Весна, Јосифовски Јане, Карајанова Марија, Костовска Оливера, Младеновски Филип, Наумовска Ивана, Поповски Анте, Попоска Елизабета, Ристовска Катерина, Тодоров Мартин, Филиповски Јосиф, Франгова Невенка, Шумановска Ана. 

Едно од најчестите прашања, потенцираше тој, што ми го поставуваат моите колеги и соговорници е за односите меѓу Република Македонија и Република Грција, меѓу македонското и грчкото општество.

- Мојот одговор е секогаш ист: има едно прашање што не разделува, но има многу нешта кои не поврзуваат. И речиси секогаш како пример за поврзаноста ги наведувам стипендиите што ги доделуваме во соработка со Сити колеџот од Солун. Стипендии кои не случајно го носта името на нашиот голем миротворец, претседателот Борис Трајковски. Оттука ова не се обични стипендии, и вие не сте обични стипендисти. Вие сте дел од еден голем процес што е посветен на дијалогот, градењето доверба и меѓусебното разбирање и почитување меѓу македонското и грчкото општество, истакна Иванов.

Стипендијата изнесува 14.890 евра. Половина од средствата ги обезбедува Владата на Република Македонија, а половина ги обезбедува „СИТИ Колеџот“ во Солун.

-Вие сте генерација на нови технологии, генерација која ги живее придобивките на глобалното поврзување. Во духот на тоа више и идно интегрирање во овој глобален свет, ви посакувам многу успех. Посакувам за време на вашите студии да се родат многу нови идеи, тие идеи да станат наша реалност, та реалност да стане дел од македонското општество. Да бидеме вистински лидери во средините од каде доаѓате и да ја поттикнете желбата и кај другите безрезервно да придонесуваат за развојот на нашата држава, подвлече Иванов.

Дваесетте стипендисти добиваат исклучителна можност за студирање на магистерските студии по бизнис администрација на оваа меѓународно препознатлива, престижна и респектабилна високообразовна установа, посочи саменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

- Апелирам до вас максимално да се заложите и да ја искористите шансата за проширување на образовните видици и надградба на личниот образовен фонд во областа која е поле на Вашиот интерес, без притоа, да имате грижа од финансиски аспект, рече Ристовски. Очекувам, додаде тој, дека сето стекнато знаење и искуство, по завршувањето на студиите целосно ќе го вложите во развојот и напредокот на Република Македонија.

Директорот на Сити колеџот Јоанис Верверидис рече дека се надева и верува дека на стипендистите им се дава единствена можност. Универзитетот Шефилд секоја година е рангиран меѓу првите 100 на Шангајската листа, а во регионот работи повеќе од дваесет години.

-Ми претставува огромно задоволство и чест да бидам еден од стипендистите на „Шефилд“ Универзитетот каде што ќе го продолжам своето понатамошно образование. Воедно ми претставува и голема одговорност и обврска да сето свое знаење кое што ќе го стекнам таму, да го пренесам тука за да може да изградиме, подобро општество и подобра иднина и подобар економски и социјален развој на државата, вели Жаклина Герасимовска, еден од добитниците на стипендијата „Борис Трајковски“.

Стипендиите се иниицирани од трагично загинатиот македонски престедател „Борис Трајковски“.