Кои се овогодишните лауреати na Табернакул?

Кои се овогодишните лауреати na Табернакул?



По трет пат книжевната академија Табернакул (во состав: Ферид Мухиќ, Горан Стефановски, Венко Андоновски, Цветан Враживирски и претходните добитници на наградата Милан Кундера, Љубивоје Ршумовиќ, Орхан Памук и Виктор Ерофеев) ја доделува истоимената книжевна награда. Овогодишни лауреати се германската писателка Херта Милер и британскиот драмски автор Том Стопард.


Целта на оваа книжевна награда е да ги промовира најзначајните, светски признати книжевни вредности на македонски јазик, како и да покаже дека Македонија е земја со долга книжевна и културна традиција, земја што покажува особена почит за сите актуелни книжевни и културни глобални достигнувања.

Книжевната награда Табернакул ја претставува бронзена скулптура чиј автор е академскиот вајар Горан Стаменков. Лауреатите, исто така, добиваат и златник од Книжевната академија Табернакул, како и паричен износ од 5.000 евра.

Оваа година свеченото доделување ќе биде на 15 октомври во Скопје. И двајцата добитници ќе присуствуваат на доделувањето. Претходниот ден ќе се одржи прес- конференција со добитниците.

На свеченоста ќе бидат промовирани следниве изданија од добитниците на македонски:

- Романот Патување на една нога и збирката есеи Секогаш истиот снег и секогаш истиот чичко од Херта Милер.

- Трилогијата Брегот на Утопија и трите драми Аркадија, Рокенрол и Тежок проблем од Том Стопард.

За добитниците:

Херта Милер (1953) е германска писателка, добитничка на Нобеловата награда за книжевност во 2009 година. Родена во Романија, работела како преведувач, а со пишување почнала уште во младоста. Пишува романи, раскази, поезија и есеи. Нејзините дела се преведени на повеќе од дваесет јазици.

Том Стопард (1937) е британски драмски писател. Од 1997 е носител на титула витез што ја доделува британската кралица. Роден во Чехословачка, за време на нацистичката окупација пребегнал и по Втората светска војна се преселил во Велика Британија, откако поминал три години во интернат во Индија. Работел како новинар и како театарски критичар. Автор е на повеќе култни драми, меѓу кои е „Розенкранц и Гилденстерн се мртви“ поставена на сцената на Драмскиот театар во Скопје, како и на сценариото за филмот „Вљубениот Шекспир“.